„Си ја купил наградата“ – Принцот Хари стана хит меме откако е прогласен за „Жива легенда на авијацијата“
- Детали
- петок, 12 јануари 2024
„Сигурно си ја купил наградата“, „Ова е исмевање на сите храбри пилоти“... Ова се дел од коментарите на социјалните мрежи откако беше објавено дека Хари ќе биде прогласен за „Жива легенда на авијацијата“...
Принцот Хари треба да добие признание „Жива легенда на авијацијата“, со што ќе биде ставен на ист ранг со Баз Алдрин и Нил Армстронг, првите луѓе што зачекорија на Месечината. Но, оваа одлука не им се допаѓа на многумина, кои коментираат дека тој нема никакви заслуги за да добие вакво признание.
На 19-ти јануари во Беверли Хилс ќе се одржи церемонија за доделување на наградите за „Живи легенди на авијацијата“, каде домаќин ќе биде Џон Траволта.
Наградата се доделува од страна на Kiddie Hawk Air Academy, непрофитна организација чијашто цел е да го поттикне интересот кај малите деца за авијацијата, а наградата им се доделува на луѓето што дале голем придонес за авијацијата, вклучително и „пилотите кои станале славни, но и славните личности што станале пилоти“.
Ваквата одлука на организацијата, да му даде таква голема чест на Хари, предизвика гнев кај бројни познати воени лица, кои сметаат дека Хари нема никаква заслуга, освен што се родил со златна лажица.
Според нив, иако Хари летал со воен хеликоптер во Авганистан, тој наградата ќе ја добие само затоа што е славен, а не затоа што направил нешто извонредно.
Полковникот во пензија Ричард Кемп вели дека Хари бил храбар и имал мошне опасна улога во Авганистан, но дека ваквата награда е незаслужена, во споредба со другите пилоти кои ги ризикувале своите животи за да ги спасат своите колеги војници.
„Единствената разлика во неговиот случај е тоа што е славен и што е дел од кралското семејство или, пак, затоа што често патува со приватен авион, заслужил да стане номиниран за наградата“ – вели полковникот.