Брутално искрена кампања: Зошто родителите не треба да објавуваат фотографии од своите деца на социјалните мрежи?
- Детали
- понеделник, 06 ноември 2023
„Мојот лик може да биде искористен за документи во банка или пак мојот глас може да биде искористен за да ве измамат. Не сакам да станам меме или да завршам на страниците за порнографија“ – вели девојчето во оваа брутална и искрена реклама, што ќе ве освести да размислите за тоа колку често споделувате фотки и видеа од децата. Погледнете како споделувањето спомени може да се претвори во кошмар.
Речиси и да нема родител што не сака да споделува фотографии од своите деца на социјалните мрежи, а новата кампања на Телеком, носи моќна предупредувачка порака.
Идејата е да се покаже дека со помош на вештачката интелигенција денес може да се направат совршени возрасни верзии на нашите деца, што потоа може да се искористат во голем број други цели.
Ликот може да се искористи за да се креираат лажни документи, гласот од видеата може да се модификува за да се креираат уверливи видео пораки со коишто еден ден некој може да ве уценува.
„Здраво мамо, здраво тато. Јас сум Ела, неверојатно е што може да направи дигиталната технологија деновиве, нели?
Сѐ што треба се само неколку фотографии од мене како оние што вие ги споделувате на социјалните мрежи, што може да бидат земени и искористени од сите“ – ја започнува својата приказна виртуелната Ела во кампањата.
Рекламата не штеди никого и ги опоменува родителите на најцрните сценарија што може да се случат заради споделувањето фотографии на социјалните мрежи.
И иако можеби не верувате дека вам може нешто вакво да ви се случи, дигиталната верзија на Ела е тука за да нѐ потсети на сѐ што може да тргне на лошо, кога најмалку се надеваме.
„За вас овие фотки се само спомени, но за други луѓе се само податоци, а за мене може да бидат почеток на ужасна иднина. Иднина каде мојот идентитет може да биде украден, каде може да одам во затвор, за работи што никогаш не сум замислила дека може да ги направам“ – продолжува Ела.
„Мојот лик може да биде искористен за документи во банка или пак мојот глас може да биде искористен за да ве измамат.
Не сакам да станам меме на кое сите ќе му се потсмеваат и ќе ме понижуваат во училиште. И, секако, не сакам да завршам на веб страниците за детска порнографија“ – предупредува Ела.
За крај кампањата предупредува дека објавите на интернет оставаат дигитален отпечаток за цел живот и речиси никогаш не можат да бидат избришани во целост.
Погледнете ја рекламата и размислете добро каде и колку често ги споделувате фотографиите и видеата од вашите деца онлајн:
Б. С. Б. | Црнобело