Го сместија во затвор со поглед на островот Утоја каде уби 69 луѓе, се жали на нехумани услови – Како изгледа денес Андерс Брејвик?
- Детали
- четврток, 02 ноември 2023
Масовниот убиец Андерс Брејвик 11 години е во екстремна изолација и нема контакт со други луѓе, освен со стражарите. Минатата година беше префрлен во нов затвор, а сега се жали на условите и ја тужи државата затоа што му ги прекршила човековите права. Како изгледа денес монструмот што ја зави Норвешка во црно?
Андерс Брејвик (44) е нео-нацистот кој во 2011-та година изврши масакр, што ниту Норвешка, а ниту целиот свет нема да го заборави, кога тој уби 18 луѓе во Осло и 69 на островот Утоја.
Најголемиот дел од неговите жртви беа млади луѓе.
Иако поминаа речиси 12 години од немилиот настан, никој не може да го заборави настанот кој ја потресе целата светска јавност, а во 2018-та година беше објавен и филмот „22 July“ посветен на човекот кој ја зави Норвешка во црно.
Брејвик веќе речиси 12 години ја отслужува затворската казна од 21 година, која воедно е и највисоката казна во Норвешка.
Се очекува дека казната ќе му биде продолжена по истекувањето, но тој не продолжува да се жали на „нехуманиот“ третман што го добива во норвешките затвори.
Во 2017-та година, тој неочекувано го промени името во Фјотолф Хансен, но не ги откри причините заради кои одлучил да го земе најчестото норвешко презиме.
Во 2022-ра година Брејвик беше префрлен во затворот Рингерике, кој важи за затвор со најголема безбедност во Норвешка, а многумина коментираат за тоа што затворот се наоѓа во непосредна близина на островот Утоја.
Според дел од норвешките медиуми, во 2011-та година, тој требаше веднаш да биде ставен во Рингерике, но тогашните власти сметаа дека нема да биде хумано да има поглед на островот каде изврши масакр.
Заради ова, првично беше сместен во затворот Ила, а од 2013-та година, неколку години помина во изолација во посебен оддел на затворот Скиен, каде имаше 3 посебни ќелии.
Според информациите во норвешките медиуми, тој во новиот затвор има слични услови за живот.
Според законите тој има право на DVD читач, Play Station, телевизор, има простор каде што може да зготви или да се испере, па дури има и своја теретана, но според казната не смее да има контакт со другите затвореници.
Затоа, во август годинава Брејвик повторно реши да ја разбранува јавноста во Норвешка и поднесе тужба против државата.
„Тој ја тужи државата затоа што веќе 11 години е во екстремна изолација и нема контакт со други луѓе освен со стражарите.
Минатата година беше префрлен во нов затвор и се надевавме дека конечно ќе му обезбедат подобри услови и контакт со други луѓе“ – рече во изјава за медиумите неговиот адвокат Оејстин Сторвик.
Претходно, Брејвик поднесе барање за условно пуштање на слобода тврдејќи дека е реформиран човек и оти смета дека заслужува да биде пуштен на слобода.
Норвешката јавност беше во шок откако слушна како Брејвик тврди дека сега веќе му е одбивно насилството, но дека ќе продолжи мирно да се бори за своите национално социјалистички вредности.
Откако ова барање му беше одбиено, тој поднесе нова петиција за условно ослободување, за кое допрва ќе треба да се одлучува.
Прочитајте и Ја зави Норвешка во тага, а живее во одлични услови - ќелијата на монструмот Андерс Брејвик (фото)
Б. С. Б. | Црнобело