Инфлуенсерка лажно се претставувала како лекар на социјалните мрежи и делела совети на болни од рак и ХИВ – ја призна вината
- Детали
- петок, 13 октомври 2023
Колку им верувате на оние што се претставуваат како доктори на социјалните мрежи? Австралијка купила лажна медицинска облека и стетоскоп, па неколку години делела медицински совети на Инстаграм и ТикТок. Се испостави дека била измамничка...
Далја Карези (30) од Австралија минатата седмица била прогласена за виновна во судот во Сиднеј и ќе треба 2 години да работи општокорисна работа, а истовремено треба да плати казна во износ од 8.400 долари.
Како што информираат светските медиуми, Далја креирала профили на Инстаграм и на ТикТок, каде се јавувала под името Dr.Dayla.s и давала лажни медицински совети на луѓето, а меѓу кои имало заболени и од рак и ХИВ.
Таа купила лажна медицинска облека, која редовно ја носела на нејзините видеа и успеала да собере вкупно 243.000 следбеници на ТикТок и 20.000 на Инстаграм, а на социјалните мрежи редовно делела медицински совети, тврдејќи дека е дипломирана докторка и хирург.
Освен што објавувала видеа, на некои од нејзините следбеници им праќала мејлови со совети, а во потписот си додала титули „доктор“ со што уште повеќе почнала да ги залажува следбениците.
Во рамки на судењето било утврдено дека нејзините видеа во најголем дел се објавени во периодот од 2019-та до 2021-ва година, кога светот беше зафатен со пандемијата, а луѓето масовно читаа и бараа информации поврзани со здравјето.
Нејзините видеа на ТикТок и Инстаграм се избришани, а таа објавила и писмо во кое се извинувала за сопствените дејствија.
„Презедов одговорност за тоа што го направив и знам дека нема прошка. Се чувствувам засрамено и се мразам себеси.
Се чувствував понижено затоа што требаше да им кажам на блиските што сум направила. Свесна сум за последиците и навистина ми е жал“ – напишала таа меѓу друготo.
Инаку, Дајла потекнува од семејство бегалци од Ирак, кои во Австралија се доселиле во 2001-ва година, кога таа имала само 8 години.
Б. С. Б. | Црнобело