„Страдам од синдром ‘заспана убавица’ – заспивам и едвај се будам, а ако се разбудам сѐ ми е како во магла“
- Детали
- петок, 06 октомври 2023
„Спијам по 19 часа, а ако се разбудам сум како „зомби“, исто како да не сум тука. Таквите епизоди траат и по 10 дена“ – раскажува оваа 24-годишна девојка која со години се прашувала што не е во ред со неа, за на крај да дознае дека страда од редок синдром што се нарекува „Заспана убавица“.
Бела Андреу (24) е медицинска сестра од Англија која вели дека ѝ се случува да спие и по 20 часа дневно, а во периодите кога има напади изгледа како зомби.
Таа вели дека синдромот за првпат ѝ се појавил на возраст од 17 години, па оттогаш наваму имала напади за спиење што траеле по неколку недели, но дури во септември годинава ја добила дијагнозата дека има синдром којшто се нарекува „заспана убавица“.
Бела раскажува дека првиот пат кога имала напад, тоа било во 2016-та година и тоа по првата вечер кога била пијана како тинејџер, па сметала дека тоа што спиела 10 дена е сосема нормално заради мамурлакот.
„Се чувствував како да сум во магла, ништо не ми беше јасно и сѐ ми беше како во сон. Се будев, но не можев да останам будна.
Спиев по 19 часа дневно и тоа траеше цели 10 дена.
Моите родители не беа дома, но кога се вратија и ме видоа, мислеа дека некој ми подметнал опојни супстанции во пијалакот заради симптомите што ги имав“ – вели таа.
На возраст од 17 до 18 години Бела добивала напади кои траеле од 7 до 10 дена на секои 4 недели. Лекарот во тоа време велел дека тоа го прави само за да добие внимание.
„Често се нарекува синдром на ‘Заспана убавица’, но тоа не е бајка. Повеќе наликува на кошмар.
Знаете какво е чувството кога имате кошмар дека паѓате од голема височина и сакате да се разбудите, но не можете? Е па, за мене тој кошмар понекогаш трае и по 10 дена“ – раскажува таа за NewYork Post.
Синдромот „заспана убавица“, уште се нарекува и Клајн-Левин Синдром и подразбира нерамномерни епизоди, односни напади во кои личноста што боледува од него спие во долги периоди, а понекогаш и по 16 до 20 часа дневно и тоа трае со недели.
Сѐ уште не се знае што точно го предизвикува овој синдром.
Бела раскажува како овој синдром влијае врз нејзиниот секојдневен живот.
„Јас сум мошне независна личност. Полна сум со енергија и отворена, но кога имам напади, станувам сосема спротивна на тоа.
Станувам како дете. Дури зборувам како дете и постојано барам внимание. Постојано сум зашеметена и не можам да функционирам затоа што чувствувам како постојано сум во сон“ – вели таа.
Единствениот начин за да нема напади е да не ја преспие цела ноќ, а вели дека честопати ѝ се случува да чувствува страв да легне да спие, затоа што не знае дали воопшто ќе се разбуди следниот ден.
Таа знае дека нападите најчесто се предизвикани од алкохол, стрес и хормони, а вели дека заради болеста пропуштила некои многу важни настани во животот.
Така таа го преспала својот 19-ти роденден и ја пропуштила свадбата на пријателката каде што требало да биде деверица.
Нејзината свршеница вели дека кога Бела има напад, таа како практично да не е тука.
„Таа е како дух. Не знае што се случува како неа. Очите ѝ се отворени, но гледа низ вас“ – вели таа.
Б. С. Б. | Црнобело