„Се сопнав од мачката и паднав, добив повреди како да сум преживеал сообраќајна несреќа – среќен сум што сум жив“
- Детали
- четврток, 17 август 2023
Пукнат череп, скршена вратна коска, пукнати пршлени и 9 скршени ребра... Ова се повредите со кои се здобил 59-годишниот Англичанец Крис Роули, откако се сопнал од мачката во сопствениот дом, а 14 часа беспомошно лежел на подот додека чекал помош.
Секој што чува мачка, знае дека со овие миленичиња постојано треба да се внимава додека се мали, затоа што многу често знаат да се пикнат во нозете во најнеочекуваниот момент.
Крис Роули (59) од Англија е музичар, кој се здобил со тешки повреди, откако неговиот мачор Ерик, му го попречил патот.
Крис и неговата сопруга непосредно пред инцидентот го зеле малиот мачор од расата египетски сфинкс, кој сè уште бил бебе и сакал да си игра. Вечерта на 23-ти октомври 2022 година, мачорчето се затрчало кон него за да си игра, додека тој се симнувал по скалите.
Обидувајќи се да се помести, затоа што мачорчето му ги зарило ноктите во ногата, Крис и не забележал како паднал по скалите.
„Не се сеќавам на многу детали, освен дека паднав – сè се случи многу брзо и за неколку секунди бев на дното на скалите“ – вели тој и раскажува дека се лизнал по околу 14 скалила.
Крис вечерта бил сам во домот, а неговата сопруга Џеки која работи како негувателка во дом за деца била трета смена на работа.
„Лежев на подот околу 14 часа, партнерката работи навечер и инцидентот се случи во предвечерните часови, па немаше никој дома.
Немав батерија на телефонот – не можев ниту да станам. Тоа е најстрашното чувство, како клаустрофобија, не можеш да излезеш, не можеш да мрднеш никаде“ – раскажува тој.
Неговата сопруга, го нашла следното утро околу 10 часот и вели дека тој лежел во крв заради повредите на главата, а кога ја видел веднаш почнал да бара помош.
Набрзо потоа Џеки викнала брза помош, а лекарите морале да му дадат седативи за да го пренесат во болница, а повредите со коишто се здобил наликувале на повреди од сообраќајна незгода.
Пукнат череп, скршена вратна коска, пукнати пршлени и 9 скршени ребра... Ова се повредите со кои Крис се здобил и заради кои две недели го држеле во болница, и од кои, сега, по несреќата сè уште закрепнува.
Инаку, мачката останала неповредена, а Крис вели дека воопшто не се лути заради инцидентот што се случил.
„Тоа е многу мило маче и многу е младо – нема зошто да се лутам, тоа е вообичаено за нив, секако можеше да се случи да паднам.
Мачето ми „ги месеше“ градите со шепите во моментот кога дојде брзата помош и иако болката беше неподнослива, цела вечер додека лежев на подот не се помести оттаму“ – вели тој.
Б. С. Б. | Црнобело