Кој е Фернандо Перез Алгаба, милионерот чие тело беше пронајдено распарчано во црвен куфер?
- Детали
- сабота, 29 јули 2023
Во фрлениот куфер биле нозете и едната подлактица на убиениот милионер Фернандо Перез Алгаба, а главата и торзото биле лоцирани 3 дена подоцна, пишуваат аргентинските медиуми. Кој е милионерот кој беше свирепо убиен во Аргентина?
Полицијата во Аргентина ги бара убијците на 41-годишниот милионер Фернандо Перез Алгаба, чие тело беше пронајдено во куфер во близина на Буенос Аирес.
Телото на Алгаба, распарчено и оставено во црвен куфер, го пронашле деца додека си играле во близина на потокот што минува низ гратчето Ingeniero Budge.
Родителите на децата ја известиле полицијата, која во куферот ги пронашле нозете на Алгаба и едната подлактица, а во потокот ја нашле другата рака на милионерот.
Според аргентинските медиуми, главата и торзото на Алгаба биле лоцирани три дена подоцна. Полицијата го идентификувала милионерот според неговите отпечатоци и тетоважи.
„Неговите екстремитети се прецизно ампутирани, што навестува дека ги отсекол професионалец,“ пишуваат локалните медиуми.
Обдукцијата покажала дека Алгаба бил застрелан трипати пред неговото тело да биде распарчено.
Алгаба живеел во Барселона, Шпанија, а дошол во Аргентина една недела пред да биде убиен. Неговото исчезнување било пријавено 5 дена пред децата да го пронајдат телото.
Тој изнајмил стан во Аргентина, а клучевите требалo да ги врати на 19 јули. Откако не одговорил на повиците на сопственикот на станот, тој пријавил во полиција.
Полицијата уапси едно лице за кое верува дека е поврзано со убиството на Алгаба. Иако не е потврдено зошто е убиен бизнисменот, полицијата се сомнева дека причината се бројни долгови.
Кој е Фернандо Перез Алгаба?
Познатиот бизнисмен на Инстаграм го следат преку 917.000 корисници. Тој се збогатил со изнајмување луксузни автомобили и продажба на криптовалути.
Тој се занимавал со бизнис од својата 14-та година. Пријателите му го дале прекарот „Лечуга“ (зелена салата).
„Почнав со велосипед и една кутија. На почетокот продавав сендвичи“, рекол за своевремено Алгаба, кој потоа се преориентирал на поправка и препродавање автомобили.
На 24-годишна возраст веќе имал голем магацин со скапи автомобили, мотори и џет-ски. Ова го поттикнало да отвори компанија за изнајмување луксузни автомобили и џет-ски во Мајами, Флорида.
Во Барселона се преселил на почетокот на 2023 година.
Алгаба се впуштил во тргување со криптовалути во текот на изминатите неколку години. Во неговата компанија која се занимавала со овој бизнис, а чие седиште било во Буенос Аирес, работеле околу 25 луѓе.
Неговата деловна среќа се променила пред неколку години.
Алгаба ѝ должел големи суми на Даночната управа на Аргентина, а неговата компанија Motors Lettuce SRL почнала да издава чекови без покритие веднаш по отворањето, во јануари 2018 година.
Алгаба оставил порака на својот мобилен телефон дека изгубил многу пари поради лошите инвестиции во криптовалути.
Тој наводно имал и други проблеми - се замерил со водичите на насилната банда Bara Bravas, кои барале да им плати 40.000 долари.
„Ако нешто ми се случи, знајте дека сите се предупредени“, напишал Алгаба во една порака која е пронајдена во неговиот телефон.
Аргентинските медиуми пишуваат дека Родолфо, братот на Фернандо, рекол дека не знае дали неговиот брат бил дел од криминалните банди, но дека тој не бил измамник.
„Фернандо имаше 17 години кога почина нашиот татко и влезе во светот на бизнисот благодарение на парите што му ги остави тој“, рече Родолфо.
Родолфо вели и дека не го видел својот брат три месеци бидејќи се скарале, но и дека Фернандо боледува од анксиозно растројство и дека се лекува.
„Се надевам дека полицијата ќе го пронајде лицето или лицата кои го убиле брат ми. Три дена сум овде и едвај спијам. Размислувам, си ја удирам главата, не можам да замислам како се случи.
Сепак, нема да седам мирен. Нема да ја земам правдата мои раце, но се надевам дека правдата ќе биде спроведена“, рече Родолфо.
А. Ј. | Црнобело