Јадел жива риба и пиел само дождовница – Детали за Австралиецот кој успеа да преживее 2 месеци на отворено море (видео)
- Детали
- понеделник, 17 јули 2023
„Сега само имам потреба да одморам и да јадам нешто затоа што бев долго време на море“ – рече Австралиецот Тим Шедок, кој по дефектот на бродот предизвикан од силна бура, 2 месеца со своето куче преживеал на отворено море. Неговата неверојатна приказна е топ тема во светските медиуми.
Светските медиуми ја пренесуваат приказната за Австралијанецот Тим Шедок (51) кој заедно со своето куче Бела успеал да преживее 2 месеца на отворено море и кој во средата (12.06) бил спасен од неговото оштетено бротче.
Во април годинава, Тим, кој по професија е информатичар, и неговото куче Бела со мало бротче тргнале на патување долго речиси 6.000km, од Ла Паз во Мексико до Француска Полинезија во Тихиот Океан.
Но, по само две недели од патувањето, Тим и Бела биле погодени од голема бура, а нивниот брод бил оштетен и целосно им биле уништени сите електронски уреди.
По бурата, на бродот немало радио комуникација, радари, инструменти за навигација, па тој и неговото куче биле оставени на милоста на океанот, во надеж дека некој ќе ги пронајде и ќе ги спаси.
За да преживеат, Тим ловел риба, која ја јаделе сирова, а пиеле само вода дождовница. За да се заштитат од силното сонце, тие се криеле под настрешницата на бродот.
По повеќе од два месеца поминати на отворено море, Тим и Бела биле пронајдени од хеликоптер кој бил во придружба на брод за лов на туна.
Во моментот кога го нашле, Тим на себе носел две капи за сонце, а лицето му било прекриено со густа бела брада.
„Имав само опрема за риболов и тоа ми помогна да преживеам. Поминaв низ многу тежок период на море и сега само имам потреба да одморам и да јадам нешто затоа што бев долго време на море...
Долго време преживував со многу малку храна“ – рече тој во изјава за медиумите.
Иако Тим тврди дека се чувствува добро, во споредба на фотографиите од претходно, видливо е дека тој загубил доста килограми, а откако ќе го вратат во Мексико, морнарот повторно ќе биде однесен во болница каде ќе му бидат направени дополнителни тестови и доколку е потребно ќе му биде пружана лекарска помош.
Инаку, со новите фотографии Тим го споредуваат со актерот Том Хенкс во улогата во филмот Castaway.
In salvo dopo due mesi alla deriva nell'oceano: "Mangiavo pesce crudo" #oceanopacifico #timshaddock #17luglio https://t.co/RcObdCxirx
— Tgcom24 (@MediasetTgcom24) July 17, 2023
Во родната Австралија Тим е познат и по тоа што неколку години наназад тврдеше дека благодарение на својата исхрана само со свежи производи успеал да го победи ракот на дигестивниот систем, што бил во поодмината фаза.
Тим имал 120kg додека работел како информатичар, но по дијагнозата на ракот нагло ослабел и тврдеше дека начинот на исхраната му помогнал да ја победи болеста.
Б. С. Б. | Црнобело