Сијамски близначки родени споени на главата имале 2% шанси да преживеат операција за одвојување – наскоро ќе полнат 7 години
- Детали
- сабота, 01 јули 2023
Аби и Ерин од САД се родиле споени на главата, а лекарите прогнозирале дека имаат само 2% шанси да ја преживеат операцијата за одвојување. Малите девојчиња не само што ја преживеале операцијата, туку наскоро ќе го прослават седмиот роденден.
Операциите за одвојување на сијамски близнаци секогаш се многу ризични. Вo некои случаи, лекарите не ни пробуваат да ги оперираат ако близнаците делат витални органи.
6-годишните Аби и Ерин Дилани биле родени споени на главата, па шансите да ја преживеат операцијата за одвојување биле само 2%.
Но, девојчињата не само што ја преживеале операцијата направена во 2017-та, туку се во добра здравствена состојба и наскоро ќе го прослават седмиот роденден.
Аби и Ерин се родиле во јули 2016-та, и тоа во 30-тата недела од бременоста, односно во седми месец. Заедно тежеле едвај три килограми.
Нивните родители дознале дека се сијамски близнаци во 11-тата недела од бременоста.
„Кога откривме, најпрво бевме шокирани. Не знаевме што да мислиме. Ова е нешто што го гледате само на телевизија, мислев дека не се случува во реалноста“, открива мајка им.
Девојчињата имале заеднички череп, а делеле и важен крвен сад во мозокот. Лекарите им кажале на родителите дека сијамските близнаци споени на главата се едни од најретките, но дека сепак има шанси да им се направи операција.
Сепак, ризиците биле огромни – девојчињата можеле да добијат оштетување на мозокот од операцијата, па дури и да не ја преживеат.
Родителите решиле да ризикуваат, па на 6-ти јуни 2017 година им била направена 11-часовна операција. Претходно на девојчињата им биле направени и други помали операции за да ги подготват за одвојувањето.
За време на операцијата, Аби изгубила многу крв.
„Мислам дека неколкупати ѝ ја заменија целата крв додека ја одвојуваа од Ерин. Подоцна хирурзите ни кажа дека никогаш претходно немале дадено толку многу крв на пациент кој преживеал“, вели мајка им.
По операцијата, девојчињата биле во болница цели пет месеци пред да бидат пуштени дома.
Поради зафатот, девојчињата имаат интелектуална попреченост, но физички се во добра форма. Уште не зборуваат, но мајка им открива дека постепено учат да одат.
Неодамна тие завршиле со одењето во градинка – момент што нивните родители не ни сонувале дека ќе го доживеат.
„Кога ги гледавме на последниот ден во градинка, беше како сон. Тоа е еден од оние мигови кои сте мислеле дека никогаш нема да дојдат“.
Девојчињата уште не се свесни за операцијата што ја преживеале, но мајка им вели дека гледаат фотографии од периодот кога биле споени.
„Еден ден ќе разговараме со нив за тоа. Сакаме да бидат горди на себе и на она што го преживеаја“, вели мајка им.
Според Daily Mail, шансите да се родат сијамски близнаци споени на главата се 2,5 во милион. Само 2% од сите сијамски близнаци се споени на главата.
Повеќето од нив се женски, генетски се идентични и имаат ист пол.
Околу 40% од овие сијамски близнаци се раѓаат мртви, додека околу 33% умираат кратко по породувањето поради бројните здравствени проблеми.
И покрај минималните шанси, Аби и Ерин се избориле и го преживеале невозможното.
Спирова С. | Црнобело