„Купив напуштена ‘италијанска куќа од 1 евро’ – ја претворив во дом што вреди 460.000 евра“
- Детали
- вторник, 09 мај 2023
„Откако ќе биде готова, куќата ќе вреди околу 460.000 евра“ – вели Мередит Табоне, Aмериканката со италијанско потекло, која одлучила да купи напуштена италијанска куќа што се продавала на аукција со почетна цена од 1 евро, во село на Сицилија.
Италија изминатите години е атрактивна земја за инвеститори кои можат да купат куќи со почетна цена од 1 евро, а Мередит Табоне (43) од Чикаго (САД) преку овој проект купила неколку имоти на Сицилија.
Мередит вели дека слушнала за проектот во Италија за заживување на напуштените населени места во рамки на кој голем број имоти се продаваат со почетна цена од 1 евро, па така одлучила да купи куќа во родното село на нејзините дедо и баба, Sambuca di Sicilia.
Напуштената куќа се продавала на аукција со почетна цена од 1 евро, но таа одлучила да понуди околу 5.000 евра и неколку месеци подоцна дознала дека е сопственик на имотот.
Куќата што ја купила била во очајна состојба. Внатре немало струја и вода, а кровот бил изработен од азбест.
Таа веднаш ангажирала тим за да го сруши кровот изработен од опасни материи, а потоа одлучила да потроши уште 31.000 евра за да ја купи куќата што се наоѓала веднаш до имотот што го купила и да ги спои двете куќи.
Во моментов реновирањето на домот е во тек, а таа верува дека оваа есен, кога куќата конечно ќе биде готова, таа ќе може да достигне цена од 460.000 евра.
„Кога првпат ја видов куќата, тоа беше просторија со големина од 69m2, немаше струја, ниту вода. Немаше прозорци и целосно беше изработена со азбест.
Прво планот ни беше само да ја преуредиме во мала куќа за одмор, но успеавме да создадеме куќа од соништата. Сега куќата има 4 спални соби, 4 тоалети, отворена кујна и простор за дневен престој и трпезарија.
Имаме и два балкони, спа и подрум за вино, а изградивме и камин и печка за пица“ – вели таа.
Инаку, Мередит одлучила да купи уште два други имоти во истото место на Сицилија, а планира да ги реновира и во нив да отвори галерија и кафуле.
Погледнете во продолжение како изгледа куќата од соништата на Мередит:
Б. С. Б. | Црнобело