Италијански гратчиња продаваат куќи за 1 евро – Американка купила три, но реновирањето ќе ја чини 60.000 евра
- Детали
- среда, 05 мај 2021
Со цел да се ревитализираат општините и да се зголеми бројот на населението, италијанските градови воведоа нови мерки – можете да купите куќа за само едно евро. Така оваа жена од Калифорнија наместо една купила три куќи во гратчето Мусомели на островот Сицилија.
Рубија Даниелс која работи како консултант за соларна енергија била меѓу првите што купиле вакви куќи на распродажба во пролетта во 2019-тата година. Таа сега е сопственик на три куќи: една за неа и две за нејзините деца.
Откако прочитала за понудите на интернет, Рубија која инаку говори италијански и со години имала намера да се пензионира таму, одлучила да вложи во имот. Нејзините деца имаат различни намери за тоа што би правеле понатаму со имотот, а најмалиот син планира да отвори бразилско кафуле.
Околу 25 региони во Италија веќе даваат вакви понуди со коишто можете за неверојатно ниски цени да купите куќи. Но, секако постојат и услови.
Ако купите куќа во Мусомели имате рок од три години да ја реновирате или ќе го загубите првичниот депозит што го плаќаат купувачите, што е околу 5.000 евра.
Во голем дел од овие региони населението старее, па на тој начин се обидуваат да донесат ново население. А, како што открива и Рубија, имотите што се нудат на продажба се доста запуштени.
„Луѓето мора да бидат реалистични. Ако ми продавате куќа за едно евро, знам дека ќе мора да ја поправам. Тие го ревитализираат градот и затоа куќата ја добивате за едно евро. Потоа мора да се фатите за работа“ - вели таа, пренесува Sun.
Така, Рубија досега потрошила околу 12.000 долари за реновирање на првата куќа, а очекува дека за целосното реновирање ќе ѝ бидат потребни 20.000 долари, или за трите куќи вкупно 60.000 долари.
Повеќе фотографии во продолжение:
Б. С. Б. | Црнобело