Шпанска ТВ ѕвезда искористила замрзната сперма од починатиот син за да добие внука - јавноста ја критикува
- Детали
- петок, 07 април 2023
Шпанската ТВ ѕвезда Ана Обрегон, која своевремено беше во врска со хрватскиот фудбалер Давор Шукер, поттикна вистинска дебата за сурогат мајчинството, откако одлучи да ја исполни желбата на нејзиниот починат син и ја искористи неговата смрзната сперма за да добие внука преку сурогат мајка.
Ана Обрегон неодамна за шпанските медиуми откри дека станала баба, користејќи генетски материјал од нејзиниот син Алес, кој почина во 2020-та на 27-годишна возраст од рак.
Ана е 68-годишна дама која е во брак со италијанскиот аристократ Алесандро Лекио, а во минатото беше во врска и со хрватскиот фудбалер Давор Шукер.
Но, таа привлекува големо внимание во Шпанија откако го откри начинот на кој станала баба на 68-годишна возраст - добила внука со помош на сурогат мајка.
Оваа приказна предизвика толку голем интерес, што некои шпански медиуми ја следеа сурогат мајката, жена од кубанско потекло која живее во Флорида, и нејзините фотографии беа објавени на насловна страница.
Приказната предизвика вистинска дискусија во Шпанија за сурогат мајчинството.
Во оваа земја сурогат мајчинството е нелегално, а вдовицата што останала сама, може да остане бремена со смрзната сперма на партнерот најмногу 12 месеци по неговата смрт, и тоа само ако тој оставил писмена дозвола.
Заради комлицираните закони во Шпанија, Ана одлучила целата процедура да ја заврши во САД, а бебето Ана Сандра Лекио Обрегон било родено на 20-ти март во Мајами и има американски пасош.
Шпанската ТВ ѕвезда сега фигурира како единствен старател на бебето и таа истовремено му е и мајка и баба. Во изјава за медиумите, таа појасни дека успеала да му ја исполни последната желба на нејзиниот син.
„Девојчето не ми е ќерка, туку внука. Тоа беше последната желба на Алес, да има свое дете“.
Инаку, нејзиниот син пред смртта во 2020-та година донирал сперма, која се чувала смрзната во Њујорк, а Ана ѝ платила на сурогат мајката од Флорида да ѝ помогне да ја исполни последната желба на нејзиниот син.
Приказната на Ана предизвика низа дебати во шпанското општество. Додека многумина ја оправдуваат затоа што нашла начин да ја исполни желбата на син ѝ, други сметаат дека нејзините постапки се нелегални и неетички.
Б. С. Б. | Црнобело