„Се породив дома во базен со бебе тешко 5kg – бабиците не виделе поголемо дете родено во домашни услови“
- Детали
- понеделник, 27 март 2023
„Мислам дека генерално раѓам големи бебиња, и првите две беа тешки. Бабиците велат дека не виделе толку тешко бебе на домашно породување, а сакав да пробам во базен и беше релаксирачко, иако син ми праша зошто мама звучи како крава“ – вели мајка од Шкотска која родила бебе од 5kg, за кое се шегува дека веќе носи облека за големи деца.
Рут Харви од Шкотска, на 28 февруари го родила своето трето дете, но она што е интересно, е дека се породила во својот дом, во специјален базен, а бебето се родило тешко 5 килограми.
Таа од претходно ги има синовите Броди (9) и Тед (6), кои ги родила во болница, па сакала да проба нешто поразлично за третото породување и се одлучила за специјален базен во нејзината дневна соба.
Заедно со партнерот се потрудиле домот да го трансформираат во спа и условите да бидат пријатни и идеални за пристигнувањето на нивната ќерка Табита, која била надносена 2 и пол недели.
„Генерално раѓам големи бебиња. Другите две деца беа тешки 4.3kg и 4.5kg. Бабиците немаа видено толку големо бебе на домашно породување.
Не можете да си го замислите раѓањето на бебе од 5kg како убаво искуство, но навистина е и уживав. Бев релаксирана, а сигурна сум дека тоа беше затоа што бев дома“ – споделува мајката за своето искуство.
За самото породување, Рут за британските медиуми раскажува како одела постапката – откако добила породилни болки, нејзините родители ги земале другите две деца, а таа се присетува дека нејзиниот син прашал: „Зошто мама звучи како крава?“.
Кога се вратиле, Табита веќе била родена и ги чекале на каучот за целото семејство да се обедини.
Со оглед на тоа што е поголема, нивната ќеркичка уште како новороденче почнала да носи облека за поголеми бебиња од 3 до 6 месеци.
Инаку, парот очекувал дека нивното бебе ќе го сруши рекордот на најтешко бебе, но сепак има деца кои биле родени потешки од неа во Велика Британија.
М. М. | Црнобело