Колтури изведе егзибициски скок од параглајдер во езерото Луцерн
- Детали
- петок, 03 август 2018
Легендата за Вилхелм Тел беше инспирација за неверојатниот потфат што всушност беше промотивен настап за четвртиот натпревар од светската серија Red Bull Cliff Diving, што е закажан во Швајцарија на 5 август 2017 година.
Американецот Дејвид Колтури полета од параглајдерот на најпознатиот швајцарски летач Кристијан „Кригел“ Маурер за да нурне во водите токму пред капелата на Вилхелм Тел во стилот на познатиот херој од швајцарскиот фолклор.
Со овој настан, кој изгледаше како глетка од разгледница, светската серија Red Bull Cliff Diving се враќа во Швајцарија прв пат по пауза од осум години и ја продолжува традицијата на историски потфати кај езерото Луцерн. Според легендата, Вилхелм Тел избегнал да биде заробен во 14 век со скок од карпите, а сега светската елита на овој спорт ќе ги покаже своите акробатски вештини со скок од платформата поставена на 27 метри височина на карпата Ури, директно во водите на езерото.
Параглајдерот на Маурер лебдеше на 20 метри над водата кога 29-годишниот Колтури го изведе својот грациозен скок привлекувајќи го вниманието на патниците на еден од најпознатите параброди коишто пловат по езерото Луцерн и кои беа потсетени на легендарниот скок на Вилхелм Тел.
Местото кадешто Тел го извел фамозниот скок денеска е обележано со меморијална капела наречена „Капелата на Тел“ којашто потсетува на неговиот бестрашен подвиг.
- Јас сакам да ги газам границите и да се подготвам за нешта какви што не биле направени никогаш порано. Ова беше величествено искуство и учеството во овој проект, во кој беа споени скокот во височина и летот со параглајдер беше нешто на што работев последниве месеци и неговата изведба беше всушност еден голем тимски ангажман, - изјави Американецот за овој посебен момент.
На 5 август оваа година вкупно 24 скокачи во машка и женска конкуренција ќе ги прикажат своите акробатски умешности споредени со оние на големиот швајцарски херој од легендите кога ќе се нурнат точно наспроти долината Рутли, којашто е лулка на швајцарската конфедерација формирана во 1291 година. Оваа трка ќе ја означи и средината на сезоната, но и покрај тоа што тука претходно имало вакво натпреварување во 2009 и 2010 година, се очекува да биде сосема ново искуство за најголемиот дел од учесниците.
Американецот Стивен Лобуе ќе настојува да стигне до третата победа во низа, откако триумфираше во Шпанија и Португалија, со што би станал третиот скокач во ова натпреварување кој ќе може да се пофали со таков „хет-трик“ по Британецот Гери Хант и Колумбиецот Орландо Дуке. Мексиканката Адријана Хименез се уште е во водство кај девојките, но за неа ова ќе биде дебитирање на оваа локација, исто како и за Ријана Ифланд од Австралија, којашто ја брани титулата и мора да се внесе во ова натпреварување коешто е трето од петте предвидени во женска конкуренција.
За жал, Дејвид Колтури нема да биде во можност да се натпреварува овој викенд бидејќи при изведувањето на скоковите од параглајдерот тој доживеал абдоминална повреда.
- Иако повредите во овој спорт може да се случат секој ден, дури и по напорни подготовки, но штета е што тоа ми се случи мене, бидејќи бев во одлична форма, со два финиша на подиумот во Шпанија и Португалија. Сепак, во моите мисли јас се подготвувам за враќање на платформата и за нови дуели со останатите ривали, -коментираше Американецот.
Сирење, чоколади и скокови од карпи - Сисикон на швајцарските Алпи ќе биде домаќин на четвртата станица од возбудливата сезона, каде што на локацијата опкружена со глечери за првпат ќе има и скокови во женска конкуренција.
Враќањето на езерото Луцерн ќе одбележи уште една интересна статистика за оваа сезона бидејќи Швајцарија имаше главна улога во историјата на овој спорт во 1997 година, кога Red Bull Cliff Diving официјално стартуваше со натпреварот во Бронтало како прв самостоен настан.
Гледајте во живо!
Ова натпреварување ќе биде пренесувано во живо на 5 август 2018 година во 15:30 часот по средноевропско време на официјалната веб-страница www.redbullcliffdiving.com и на Red Bull TV. Red Bull TV е достапен на поврзаните телевизори, играчките конзоли, мобилнби и други уреди. Дознајте повеќе на about.redbull.tv.
Photo credit: Dean Treml / Red Bull Content Pool