Фудбалери кои се борци во животот: Меси бил нарекуван кепец, Балотели го провоцираат со банани
- Детали
- петок, 29 јуни 2018
Кому ракот двапати му ја прекина кариерата? На кого војната во Југославија засекогаш ќе му остане во сеќавањата? Кој играч е првиот јавно деклариран хомосексуалец во Велика Британија?
Во екот на Светското првенство во Русија, откриваме што се наоѓа и од другата страна на медалите. Кога се говори за машките спортски ѕвезди, честопати муабетот се сведува на убави жени и дебели банкарски сметки.
Но, што се крие зад головите? И фудбалерите неретко имаат тешки и болни судбини. Дел од нив се и пример како да се изборите со неволјите или предрасудите, како на теренот, така и во секојдневието.
Ова се славните фудбалери кои се борци во животот:
Лионел Меси
За фудбалските постигнувања на аргентинската ѕвезда говори целиот свет. На неговата полица со трофеи се наоѓаат низа награди за најуспешен стрелец, златни топки и златни копачки.
Сепак, на малкумина им е познато дека на Лионел Меси му е дијагностициран дефицит на хормонот за раст во десеттата година од животот. Од медицинскиот тим во клубот каде тогаш играл, забележале дека сите јуниори растат, додека Лео стагнира на истата висина.
Во текот на наредните години, прошол низ мноштво третмани, добивајќи хормон за раст преку инјекции.
Челниците на клубот не биле оптимисти во поглед на кариерата на Меси. Паралелно се справувал и со насилството од врсниците. Децата се подбивале и го малтретиле, нарекувајќи го „кепец“ и „џуџе“.
Благодарение на терапиите, тој пораснал 19 сантиметри, па неговата сегашна висина е 169 сантиметри. Во спротивно, експертите се децидни дека би останал под 160 сантиметри.
Меѓутоа, не било ниту лесно, а ни едноставно како што се чини. Цената на третманите надминувала 1000 долари месечно.
Осигурителната куќа му откажала доверба, а државата западнала во тешка економска криза. Дури по трансферот во Барселона, шпанскиот фудбалски клуб ја презеде сета финансиска одговорност за лекувањето на здравствениот проблем.
Единствениот зрак светлина за Лео било ветувањето од ендокринологот, кој му рекол дека не знае дали ќе биде подобар играч од Марадона, но сигурно е дека ќе биде повисок од него (165 cm).
Mарио Балотели
„Супер Марио“ од Италија баш и не ужива статус на ѕвезда во татковината.
Роден е во Палермо, а дете е на бегалци од Гана.
На тригодишна возраст, грижата за момчето ја презеле Силвија и Франческо Балотели – добростоечка италијанска фамилија. Подоцна го посвоиле, по што го добива нивното презиме.
Среќата била на страната на Марио. Татко му бил добро упатен во светот на фудбалот, па му овозможил рамен пат до кариера во спортот.
Меѓутоа, дури ни многубројните успеси на теренот, не му помогнаа да ги придобие конзервативните навивачи.
Тие го омаловажуваат поради бојата на кожата, а речиси секој настап на Балотели е обележан со расистички испади од трибините.
Непријатните ситуации кулминираа со истакнувањето и фрлањето банани кон фудбалерот, грубо поистоветувајќи го со мајмун.
Во однос на последниот инцидент, тој се огласи пред неколку дена, изјавувајќи дека веќе не е сигурен дали е во прашање расизам или љубомора, но сè уште подеднакво го боли.