Фудбалери кои се борци во животот: Меси бил нарекуван кепец, Балотели го провоцираат со банани
Франческо Ачерби
Уште еден италијански фудбалер на листата е Франческо Ачерби, кој игра одбрана во репрезентацијата на земјата.
Tумор на тестисите, откриен за време на рутински преглед во текот на 2013 година, застана на патот на неговата фудбалска кариера.
На возраст од само 25 години, принуден беше да ја остави топката настрана, а веднаш да направи операција.
За еден италијански весник, Франческо откри дека првата мисла што му прошла низ глава кога ја слушнал дијагнозата, била да отвори шише вино, а потоа да ѝ се јави на поранешната девојка.
На сопствената мајка, која уште се опоравувала од смртта на неговиот татко, за болеста ѝ кажал дури после операцијата.
Во месец декември, половина година подоцна, дијагностициран му беше рак на тестисите. Играчот се подложи на лекување со хемотерапии. За среќа – успешно.
Денес, речиси пет години покасно, во медиумите често ја промовира важноста на превенцијата, самопрегледите и редовните посети на специјалист.
По двојната победата над злокобната болест, за себе сака да каже дека е дефанзивец во фудбалот, а напаѓач во животот.
Един Џеко
По поднебјето и приказната, веројатно најблизок ни е Един Џеко, фудбалерот кој во родното Сараево го нарекуваат „босански дијамант“.
Роден е во 1986 година, а детството сосема му го уништила војната во Босна. Започна кога тој имал само пет години, а до десеттата не ни имал живот.
Семејство ги изгубило роднините, куќата и автомобилот. Иако оттогаш помина доста време, Џеко сè уште се присетува на траорните мигови.
За медиумите повеќепати ја прераскажа случката кога неговата мајка всушност му го спасила животот.
Додека другарите играле фудбал на ливада, таа не му дозволила да им се придружи, туку принуден бил да остане дома. Неколку минути подоцна, на истата ливада паднала граната, по што му загинале пријателите.
Лекцијата што ја научил во тешките денови најдобро ја опиша во објавата на Фејсбук од 2015 година.
„Војната им го украде детството на децата. Тоа беше најлошиот период во мојот живот. Петнаесет души живеевме во простор од 37 квадрати. Татко ми секојдневно одеше на боиште, а кога и да ги слушнев сирените, јас се плашев дека ќе умрам. Кога ќе се спуштевме во подрумите, никогаш не знаевме колку долго во нив ќе останеме. Некои искуства ве учат повеќе да го цените животот. Кога се плашите за животот на себе и своето семејство, проблемите во фудбалот не се ништо. Не давам голови? Во ред е, ќе погодам на следниот натпревар. Поважни се другите работи.“
Един ја користи секоја прилика да ги поттикне и инспирира малите момчиња да ги следат своите соништа, дури и кога им се чинат далечни и недостижни. Никого не одбива за автограм, а наспроти сето богатство и интернационална слава, воопшто не се расфрла со пари, паметејќи ги фудбалските почетоци, кога добивал околу 300 евра.
Лиам Дејвис
Не му беше лесно ниту на англискиот фудбалер Лиам Дејвис.
Во 2014 година, локалните весници ја објавија веста дека тој е хомoсексуалец.
Британските медиуми го именуваа за единствен играч во земјата, којшто отворено говори за сексуалната определба, имплицирајќи дека во светот на фудбалот постои страв за „излегување од орманот“.
Пред да одекне случајот во јавноста, вистината за неговата ориентација им била позната на соиграчите и менаџерите на клубот.
Тој истакна дека ужива во нивната поддршка. Навреди на лична сметка доживеал само еднаш, кога добил неумесен коментар од играч на противничкиот тим. Подоцна и му се извинил.
Кога новинарите го прашуваат каква е ситуацијата во соблекувалната, честопати нагласува дека нема непријатни моменти, затоа што колегите го прифаќаат поради тоа што е.
И самите го потврдуваат ова, а среќни се бидеќи на Дејвис му паднал огромен товар од грбот.
Реакциите на фановите се поделени, но фудбалерот е уверен дека позитивноста секогаш победува.
М. А. | Црнобело