Како изгледаат групите на Светското првенство по првото коло?
- Детали
- среда, 20 јуни 2018
И на ова Светско првенство не изостанаа изненадувањата. Првото коло ни пружи многу возбудливи натпревари, изненадувања, како и неколку контрадикторни моменти.
Во продолжение, погледнете како изгледаат групите по првите одиграни натпревари:
Група А
Во првото коло, на самото отвoрање на Светското првенство, Русија ја совлада Саудиска Арабија, со 5:0. Со оваа победа, домаќините им дадоа на знаење на другите репрезентации дека во никој случај не смеат да ги потценат.
Во вториот натпревар од оваа група, Уругвај во последните минути успеа да извојува тешка победа против Египет со конечен резултат од 1:0.
Во второто коло, Русите го совладаа Египет со 3:1, успевајќи да се изборат за пласман во понатамошната фаза од турнирот. Египет ќе треба да се моли Уругвај да ги изгуби останатите два натпревара доколку сака да има некакви шанси за понатамошен пласман.
Група Б
Во првиот натпревар од оваа група, Иран славеше против Мaроко со 1:0. Тоа беше можеби најнеубавиот натпревар досега, со груба и хаотична игра на двете страни, без многу шанси и без многу фудбалска убавина.
Во вториот натпревар пак, се случи сосема обратното. Португалија предводена од Кристијано Роналдо, успеа да се избори за нерешен резултат против Шпанија во натпревар на кој беа постигнати 6 гола.
Црвената фурија на двапати губеше, но успеа да се врати во натпреварот и да направи пресврт, за на крај Кристијано Роналдо да го постигне најубавиот гол досега на ова првенство, од слободен удар.
Група Ц
Малку фалеше на првиот натпревар во оваа група да го видиме првото изненадување – Франција да киксне со нерешен резултат против Австралија, меѓутоа девет минути пред крајот на натпреварот, Азиз Бехич си постигна автогол за конечни 2:1 за Франција.
Вториот натпревар во оваа група беше еден од највозбудливите досега, каде што Перу не искористи пенал за да поведе во финишот на првото полувреме, па во раната фаза од вториот дел, беше казнет со голот на Пулсен. Данците триумфираа со резултат 0:1.
Група Д
Конечно во првиот натпревар од групата Д, се случи првиот кикс на еден од фаворитите. Аргентина не успеа да го совлада Исланд. Први поведоа Аргентинците преку Серхио Агуеро, за кратко потоа, Алфред Финбогасон да го постигне првиот гол на Исланд на светските првенства.
Лео Меси во второто полувреме не успеа да реализира од белата точка откако Халдорсон го одбрани неговиот удар. Конечен резултат: 1:1.
Во вториот натпревар од оваа група, Хрватска беше поуспешна од Нигерија со 2:0. Интересно е тоа што по натпреварот, Хрватскиот напаѓач Калиниќ беше испратен дома од селекторот поради нарушување на атмосферата во тимот.
Група Е
Првиот натпревар од групата Е ни го даде вториот најубав гол на светското првенство досега, имено, Александар Коларов од слободен удар успеа да ги освои трите бода за Србија во натпреварот против Костарика во еден тежок натпревар.
Во вториот натпревар го видовме второто изненадување на Светското првенство, откако Бразил не успеа да триумфира над Швајцарија и покрај раното водство по голот на Кутињо.
Швајцарците преку Зубер стигнаа до изедначување, па следеше најголемиот „ќотек“ на светските првенства досега. Имено, над Нејмар беа направени 10 прекршоци, а имаше и уште 8 кои не беа досудени.
Група Ф
Групата Ф ни го донесе најголемото изненадување досега, имено Мексико го совлада актуелниот светски првак со резултат од 1:0. Мексиканците тргнаа храбро и борбено од самиот старт, па заслужено ги добија трите бода.
Германија не беше онаа истата од пред 4 години, па сега се во незавидна ситуација.
На вториот натпревар Шведска ја совлада Јужна Кореја со 1:0. Швеѓаните покажаа дека можат и без легендата Ибрахимовиќ да дојдат до добар резултат и заслужено се на добар пат до понатамошниот пласман.
Група Г
Во групата Г, не се случија големи изненадувања. Во првиот меч, Белгија беше поуспешна од Панама, победувајќи со 3:0, и покрај силната желба и борбеност на Панамците.
Во вториот натпревар, Англија за малку ќе кикснеше против Тунис, постигнувајќи гол во последните минути од натпреварот. Двоен стрелец за Англичаните беше Хари Кејн, а кај Тунижаните од белата точка реализираше Саси.
Група Х
Групата Х ни донесе најмногу изненадувања. Во првиот натпревар Јапонија славеше против Колумбија, и тоа е првиот триумф на Јапонија на светските првенства против една јужноамериканска држава.
Први поведоа Јапонците преку Шинжи Кагава. Колумбија изедначи со голот на Хуан Квинтеро при крајот на првиот дел и покрај минусот на теренот по црвениот картон на Карлос Санчез.
Во вториот дел, Јапонија доминираше, па очекувано со голот на Осако, стигна до конечните 2:1.
Вториот натпревар ни донесе уште едно изненадување, како и еден многу контроверзен момент. Сенегал славеше со 2:1 против Полска, во натпревар на кој, Сенегалците поведоа по автоголот на Ционек.
Вториот гол за Сенегал го постигна Нианг по еден (можеби) судиски пропуст, кога беше пуштен да се врати во игра по укажаната медицинска помош додека топката леташе кон него.
Полска ја намали предноста со голот на Кришовјак во завршницата, меѓутоа немаа доволно сила да постигнат уште еден гол до крајот на натпреварот.
Најдобриот стрелец по првото коло е Кристијано Роналдо со 3 постигнати голови (исто толку има и Денис Черишев меѓутоа на 2 натпревари), а веднаш зад нив се Лукаку, Кејн, Диеко Коста и Џуба (на 2 натпревара) со по 2 гола.
Најдобар асистент е Александр Головин со 2 асистенции.
Во досегашниот тек од Светското првенство забележавме 5 автогола, постигнати од: Бехич (Австралија), Фатхи (Египет), Бухадуж (Мaроко), Етебо (Нигерија) и Ционек (Полска).
еНВи | Црнобело