Најдобриот тим од фудбалери чиишто репрезентации нема да настапат на светското првенство во Русија 2018
- Детали
- недела, 10 јуни 2018
Голем број на репрезентации коишто биле редовни на досегашните првенства нема да настапат на светското првенство во Русија бидејќи не успеаа да се квалификуваат. Меѓу нив се и 4 регионални шампиони како што се Чиле, САД, Нов Зеланд и Камерун.
Светското првенство во фудбал коешто ќе се одржи наскоро во Русија ќе „врие“ со фудбалски ѕвезди, но не можеме, а да не се запрашаме што би било кога би настапувале и овие репрезентации кои отпаднаа со своите ѕвезди.
За да ви доловиме колку ќе недостасуваат, составивме тим од 23 играчи, прв тим и резерви, од репрезентативците на земјите коишто не се квалификуваа на светското првенство во фудбал во Русија.
Голмани: Џанлуиџи Буфон (Италија), Јан Облак (Словенија), Џаспер Цилесен (Холандија)
Голема штета е што нема да можеме да го испратиме Буфон во пензија на светското првенство, тој е жива легенда помеѓу голманите.
Јан Облак е стандарден првотимец во Атлетико Мадрид и во неколку наврати покажа дека е одличен.
Одбранбени играчи: Давид Алаба (Австрија), Андреа Барзаљи, Леонардо Бонучи, Џорџо Кјелини (Италија), Фаузи Гулам (Алжир), Антонио Валенсија (Еквадор), Вирџил Ван Дијк (Холандија)
Тоа што важи за Буфон, важи и за целиот одбранбен ред, штета е да не се види ваков сигурен тим во одбраната на светското првенство.
Со одењето во пензија на дел од овие играчи ќе биде вистински крај на една ера во италијанската дефанзива. Дополнително со оваа постава има мешавина од искусни и млади играчи како што се Алаба и Гулам, а имаме и бекови коишто може да истрчаат напред.
Среден ред: Марек Хамшик (Словачка), Наби Кеита (Гвинеа), Хенрик Мкитаријан (Ерменија), Миралем Пјаниќ (БиХ), Кристијан Пулишиќ (САД), Томас Партеј (Гана), Артуро Видал (Чиле), Вилфред Заха (Брег на Слоновата Коска)
Штета е што 19 годишниот Пулишиќ нема да може да учи од искуството во настап на светско првенство и со тоа побрзо да го постигне својот потенцијал.
Ова е избалансиран среден ред со присуството на Заха и централниот креатор на играта Хамшик и Мкитаријан, како и присуството на искусен дефанзивец во средниот ред како што е Видал.
Напаѓачи: Пјер Емерик Обамејанг (Габон), Герет Бејл (Велс), Арјен Робен (Холандија), Един Џеко (БиХ), Алексис Санчез (Чиле)
Робен на секој свој настап докажува дека е играч којшто во секој момент може да даде гол. Герет Бејл го докажа своето место меѓу ѕвездите на настапот во финалето на Лигата на Шампионите, а Џеко докажа дека секоја висока топка е потенцијална асистенција за него.
Овој напаѓачки состав би можел во голема мера да ги смени резултатите во поглед на вкупен број на постигнати голови на ова првенство.
(О)Милена | Црнобело