Четврти пат по ред Вориорс против Кавалирс во големото НБА финале
- Детали
- четврток, 31 мај 2018
Први јуни е датумот на кој започнува големото НБА финале помеѓу екипите на Голден Стејт и Кливленд. Плејофот оваа сезона нѝ приреди голем број на изненадувања и убави натпревари, при што видовме за прв пат после 39 години две финалиња на Исток и Запад, одлучени во седмиот натпревар. Во продолжение, следи еден ран преглед на претстојното финале.
Судејќи според списокот на играчи, генералниот пласман и исходот од минатата година, Голден Стејт има далеку поголема предност од својот ривал.
Патот на Кливленд
Патот на Кливленд до големото финале беше пропратен со многу возбудувања и тешки натпревари.
Во првата рунда, тие ја победија Индијана со 4:3, каде од седум натпревари, само два не ја одржаа границата од 5 поени разлика.
Во втората рунда, нивниот противник беше тимот на Торонто. Тимот којшто беше најдобро пласиран на Истокот во регуларниот дел од сезоната се „посрамоти“ и ја доби „метлата“. Кливленд славеше со убедливи 4:0.
Финалето на Источната конференција беше најголемиот тест за Кливленд. Тие се соочија со десеткуваниот состав на Бостон Селтикс, каде успеаа да триумфираат со 4:3. Младиот тим на Бостон покажа одличен натпреварувачки дух, и добро се носеше со искусниот тим на Кливленд, меѓутоа нивните напори не беа доволни за да го симнат кралот од престолот.
Патот на Голден Стејт
Во првата рунда, Вориорси славеа со убедливи 4:1 против Мамузите. Тимот на Сан Антонио не беше доволно подготвен да се спротивстави на актуелниот шампион.
Во втората рунда, нивен противник беше тимот на Њу Орлеанс, кои и покрај силната волја за победа, беа поразени со убедливи 4:1 од силните Вориорси.
Во финалето на Западната Конференција, за прв пат беше тестирана силата на Голден Стејт. Таму, тимот на Хјустон Рокетс, не успеа да ја затвори серијата при водство од 3:2, во голема мера поради отсуството на Крис Пол.
Голден Стејт на крајот славеше со 4:3 во возбудлив натпревар на кој Хјустон собори еден негативен рекорд, промашувајќи 27 тројки во низа.
Четвртото последователно финале
Ова ќе биде четврта меѓусебна пресметка на овие два тима во големото финале. Во досегашните пресметки, вкупниот резултат е 2:1 во корист на Голден Стејт, кој минатата година успеа да ја врати титулата во Оукленд.
Актуелниот шампион нема премногу големи промени во својот состав, па се очекува големите Дјурент, Кари, Томпсон и Грин да ја завршат работата. Нивната задача нема да биде лесна, бидејќи против нив се наоѓа најдобриот играч на денешницата ЛеБрон Џејмс.
Кралот ја игра 15-тата НБА сезона, и го носи целиот свој тим на грб. Имено, статистички ова му е најдобрата сезона во неговата кариера.
Натпреварот ќе го одлучат неколку клучни моменти.
За Голден Стејт, тоа ќе бидат изгубените топки и кружењето на топката. Во тим со 4 ѕвезди, тешко е да циркулира топката, меѓутоа тренерската генијалност на Стив Кер успева да го овозможи тоа.
За Кавси, пресудни ќе бидат останатите играчи. ЛеБрон е ЛеБрон, тој ќе даде сѐ од себе и ќе се бори до последниот здив, на двата краја од теренот. Неговите соиграчи ќе бидат пресудни за успехот на Кливленд. Доколку тие не ја искажат својата „жед“ за титула, тогаш може слободно да го предадат натпреварот и да си одат дома.
Кевин Лав ќе мора да ја подобри одбраната, и да биде фактор на паркетот, како што беше во своите денови во Минесота. Тринстан Томпсон ќе биде клучен во ширењето на играта и офанзивните скокови. Џеј Ар Смит ќе мора да го врати својот шут, а Кајл Корвер ќе треба да ја продолжи играта од минатите неколку натпревари.
Дали ќе биде тоа трета титула за Голден Стејт под водство на Стив Кер, или втора за Кливленд останува да видиме. Дуелот започнува четврток према петок, со почеток во 3:00 часот.
еНВи | Црнобело