Заминати во кошаркарската историја - пензионирани дресови во НБА
- Детали
- сабота, 30 декември 2017
Неодамна, на 18 декември, беа пензионирани дресовите на Коби Брајант. Пензионирање на дресот е начин на оддавање почит на играчите коишто направиле многу за својот тим и за НБА лигата.
Тоа значи дека броевите коишто ги пензионирал тимот не може да ги носи друг играч никогаш повеќе. Пензионирањето на дресот вообичаено се прави по пензионирање на играчот и по тој повод се одржува церемонија со обесување на банер со бројот на дресот во спортската сала на тимот.
Карактеристично за церемонијата на пензионирање на дресовите на Коби Брајант е што тој е единствениот играч којшто има пензионирани два дреса во истиот тим. Тоа е затоа што додека тој настапуваше за Лејкерси смени две бројки на својот дрес, 8 и 24, па така и тие два дреса беа пензионирани.
Мајкл Џордан исто така смени два броја на дресот додека настапуваше за Чикаго Булс, тоа се броевите 23 и 45, но тимот на Чикаго го пензионираше само легендарниот дрес со број 23.
Интересно е дека овој број на дресот го пензионираше и тимот на Мајами Хит во знак на благодарност на Џордан, иако Мајкл Џордан никогаш не играл во тој тим. Ова беше прв дрес којшто го пензионира тимот на Мајами, а оттогаш тимот пензионира уште 4 други дресови.
Заедничко за тимовите на Мајами и Лос Анџелес Лејкерс е тоа што и двата тима го имаат пензионирано дресот на Шекил О’Нил бидејќи тој настапуваше и во двата тима додека играше во НБА. Лејкерси го пензионираа дресот со број 34, а Хит го пензионираа дресот со број 32.
Тимот со најмногу пензионирани дресови во НБА е тимот на Бостон Селтикс. Тие имаат пензионирано дури 24 дресови. Единствени два тима коишто немаат пензионирано дрес до сега се Лос Анџелес Клиперс и Торонто рапторс, а Орландо Меџик имаат пензионирано само еден дрес и тоа во име на шестиот играч, публиката.
(О)Милена | Црнобело