Двојна радост за Навратил и Ричард на скоковите во Мостар
- Детали
- вторник, 27 септември 2016
Чешкиот скокач ја продолжи победничката форма и триумфираше на седмото натпреварување од сезоната во светската серија Red Bull Cliff Diving, додека Канаѓанката доминираше во женското натпреварување.
Мостар (Босна и Херцеговина) - Возбудливо попладне со скокови од историскиот „Стари Мост“ во Мостар го достигна својот врв кога Михал Навратил и Лизен Ричард ги обезбедија своите втори триумфи оваа сезона со изведби од кои на публиката и се одземаше здивот. Навратил има сопствена серија откако триумфираше на претходното натпреварување во Велс пред две седмици, а сега имаше уште еден убедлив настап во скоковите од 27,5 метарската платформа, повторно совладувајќи го актуелниот шампион Гери Хант со последниот изведен скок. Американецот Дејвид Колтури си осигура перфектно поздравување во неговиот последен настап пред да замине на операција на рамото, што е негов прв подиум оваа година. Во натпреварувањето во женска конкуренција, исто така во последната рунда, жителката на Монтреал Лизен Ричард го изведе скокот што донесе најмногу поени во целиот ден од платформата на 21,5 метри и ја „истурка“ Американката Сесил Карлтон, додека Австралијанката Ријана Ајфленд ја одржа прекрасната форма со петтиот финиш на подиумот прред околу 20 илјади луѓе во публиката крај реката Неретва.
Навратил имаше потреба од 53 обиди за да се најде на највисокото место на пиедесталот, а откако тоа му појде од рака во претходниот обид, сега го забележа и вториот триумф во низа, скокајќи од „Стари Мост“ каде што традицијата на изведување скокови во реката датира од 17 век. Со овој резултат воедно е ставен и крај на феноментот создаден од „брилијантниот Британец“, Гери Хант, кој досега немаше повеќе од два настапа пауза меѓу две победи, а сега се случува да поминат три натпреварувања за прв пат по стартот на светската серија Red Bull Cliff Diving во 2009 година. Зад Навратил и Хант е Колтури, чие трето место во Мостар претстатвува реприза на ланското постигнување на 27-годишниот скокач, кој во октомври ќе го оперира рамото и ќе го пропушти финишот на сезоната.
На само две натпреварувања до крајот на сезоната која брои вкупно девет станици во календарот, шампионот Хант се уште води на табелата пред Џонатан Паредес од Мексико, кој во Мостар го освои петтото место. Со втората победа, Навратил го смени местото со Енди Џоунс кој досега беше трет, додека зад нив на петтото место сега е Американецот Стивен Лобуе.
Со пет „деветки“ од судиите (каде што „десетките“ се највисоката оцена, 35-годишната Лизен Ричард стигна до победата на првото појавување на девојките во Мостар, што е нејзин втор триумф во кариерата. Оваа мајка на три деца сега се зацвртси на второто место зад Ријана Ајфланд која беше третопласирана, додека Американката Сесил Карлтон се искачи на третото место во генералниот пласман благодарение на второто место во Мостар.
Од Босна и Херцеговина светската серија патува кон Јапонија, каде што следното натпреварување ќе се одржи по пауза од три седмици.
Изјави на победниците
Михал Навратил, Чешка
Сите години искуство сега доаѓаат до израз. Сите казни кои ги имам добиено, лошите слетувања, сето тоа е во мојата глава. Знам што треба да направам и фокусиран сум на моментот кога сум на платформата и морам да го изведам мојот скок.
Лизен Ричард, Канада
Добро го започнав ова натпреварување, мојот прв скок беше добар, но при вториот имав добар одраз, но загубив време пред да дојдам до вертикалната позиција. Бев разочарана, но знаев дека поените се блиску, дека мора да останам фокусирана и дека се може да се случи. Очекував добар скок, не размислував за првото место, но на крајот имав среќа. Неверојатнo сум радосна поради ова!