Шампионот Боном се повлече од авионските трки, влегува пилот од Словенија!
- Детали
- среда, 10 февруари 2016
Светското првенство Red Bull Air Race во 2016 година ќе донесе многу нови моменти, вклучувајќи две нови локации и двајца нови пилоти, при што во заслужена пензија заминуваат легендите Пол Боном и Петер Бешењи, кои се втемелувачи на овие трки.
Салбург (Австрија) – Британецот Пол Боном објави дека се повлекува од светското првенство во трки со авиони Red Bull Air Race, и тоа откако лани ја освои својата трета титула во ова натпреварување. Боном е најуспешниот пилот во историјата на овие трки со 19 победи од 66 трки. Сепак, тој нема да биде далеку од авионите, бидејќи има само 51 година и ќе продолжи со извршување на своите работни обврски како пилот во „British Airways“ во кабината на Боинг 747, а ќе продолжи да настапува со својот акробатски тим насловен како Red Bull Matadors.
- Чувствувам дека сега е добро време да се запре. Се беше во ред, екипата е фантастична и јас бев среќен што можев да ги уживам плодовите од таа тимска работа. Летањето и условите за трка беа прекрасни, па моментите поминати на патеката во добро подготвен авион, претставуваат ултимативно летачко искуство. Ако можате да летате со 370 километри на час на 25 метри од земјата со прецизност што може да се мери во сантиметри, да поднесете притисок до 10G, а потоа да дознаете дека сте го поставиле најбрзото време, тоа е возбуда, огромна возбуда,- рече Боном.
Настрана од рекордните три шампионски титули во 2009, 2010 и 2015 година, Боном беше второпласиран во 2007 и 2008, додека во 2014 беше трет во генералниот пласман. Слично е и со другата статистика, па освен 19 победи има вкупно 46 пласмани на пиедесталот, рекорд за најмногу поени во една сезона (76 во 2015 година), а има и најмалку соборени воздушни кули, неофицијална категорија која го рефлектира неговиот чист и мазен возачки стил. По освојувањето на втората титула во 2010 година, тој беше награден и со „Мечот на честа“ од здружението на пилоти во Британија. Летањето не е само негова пасија, татко му бил пилот, мајка му стјуардеса, а и брат му работи како комерцијален пилот.
Веста за повлекувањето на Боном уследи откако уште еден ветеран од овој спорт, Унгарецот Петер Бешењи, најави пензионирање на последната трка од 2015 година. Бешењи има осум победи во ова натпреварување, а меѓу пилотите е познат и како идејниот татко на овој формат на трки. Унгарецот има 59 години, а се натпреваруваше од 2003 година.
На местата на Боном и Бешењи во светското првенство Red Bull Air Race ќе дојдат двајца нови пилоти, кои досега беа дел од пониската категорија, позната како „Challenger Class“, додека најдобрите 14 пилоти кои учествуваат во шампионатот се носители на „Master Class“ лиценца . Петар Подлуншек од Словенија е првиот кој заработи „унапредување“, додека Чехот Петр Копфштајн ќе биде вториот учесник во елитното друштво од 2016 година. Подлуншек минатата сезона беше крунисан како вице-шампион во последната трка која според пропозициите одлучува за конечниот пласман, со 35 илјадити делови од секундата зад Микаел Бражо, додека Копфштајн беше победник во нивната класа за 2014 година, а лани до последната трка беше изедначен со Бражо на табелата (по 28 бода и две победи).
- Голема е честа да се биде дел од уникатната група пилоти од „Master Class“. Првата година ќе биде сезона за учење, тестирање и штелување, но сите во мојот тим сакаат што е можно побрзо да станеме конкурентни. Иако имаме високи амбиции, знаеме дека ќе имаме тешка и проблематична сезона,- изјави Копфштајн.
- Влезот во „Master Class“ е исполнување на сонот за мене. Бидејќи почнуваме од нула, моите колеги и јас најпрво ќе мора да видиме како функционоираме заедно како тим, а потоа да станеме најдобри што можеме. Нашата стратегија е да летаме безбедно и умно,- дополнува Подлуншек.
Овие двајца пилоти ќе го имаат пред себе примерот на Мат Хол кој во 2009 година беше најдобар дебитант со пласман на третото место, а лани му беше противкандидат на Боном во борбата за титулата. Од друга страна, пилотите од „Challenger Class“ исто така добиваат нов член: Французинката Мелани Астле е петкратен шампион на својата земја и прва жена што се натпреварувала во овој спорт. Покрај неа, во подмладокот на елитната класа влегуваат и Американецот Кевин Колеман и Британецот Бен Марфи.
Новата сезона на авионските трки од светското првенство Red Bull Air Race го носи долго очекуваното деби на историската тркачка патека во Индијанаполис како нов дом на најбрзотото натпреварување во светото на мотоспортовите. Таму оваа година се празнува еден век од првата трка со балони организирана на автодромот, што е уште еден доказ за љубовта кон спортовите во срцето на земјата каде што мотоспортот е крал. Во својата деветта сезона оваа престижна светска серија ќе има осум трки, а покрај американската престолнина на брзината, како нов организатор се појавува и германската патека Лаузицринг крај Берлин.
Сезоната се протега низ седум земји, каде што ова првенство веќе ги има пленето гледачите и претставува нивен фаворит во календарот. Почетокот е на 11/12 март со трката во Арапскиот Залив крај брегот на Абу Даби, трка што се одржува по рекорден деветти пат. Следна ќе биде онаа што се вози на Формула 1 патеката во Австрија, Ред Бул Ринг, на 23/24 април. Трките со најголема брзина на светот и тоа при ниски височини, ќе се вратат во Јапонија каде што минатата година во Чиба, колевката на авијацијата на Далечниот Исток, собраа рекордна публика од 120 илјади луѓе. Оваа година наместо во мај, трката ќе се вози на 4/5 јуни, а патеката ќе биде поставена во водите на заливот крај Токио. Првата половина од календарот ќе биде заокружена со уште една трка која е дел од историјата на Red Bull Air Race и каде до сега се одржале седум трки со летови под мостовите во Будимпешта на 16/17 јули.
Реномираната патека за коњички трки во Аскот, Велика Британија, по трет пат ќе биде домаќин на ова натпреварување, но иако не е долго во календарот веќе е една од најомилените места на пилотите кои со задоволство ќе се вратат тука на 13/14 август. По пауза од 2010 година, авионските трки се враќаат во Германија, каде што се очекува огромна поддршка за Матијас Долдерер на автодромот Лаузицринг крај Берлин. Натпреварувањето е закажано за 3/4 септември, што воедно претставува крај на европскиот дел од сезоната. Последните две трки исто како лани ќе се одржат во САД, и тоа на 1/2 октомври во Индијанаполис, а финалето е закажано за 15/16 октомври во Лас Вегас.