Red Bull Cliff Diving: Стивен Лобуе доминираше во шпанското финале
- Детали
- понеделник, 28 септември 2015
Додека Англичанецот Гери Хант е крунисан како шампион на светската серија Red Bull Cliff Diving по рекорден петти пат, американскиот нуркач ја забележа првата победа во 2015 година.
Стивен Лобуе стигна до победата на борбен начин при што 30-годишниот Американец славеше во едно од најтесните финалиња некогаш видени во ова натпреварување. Додека шампионот Гери Хант потфрли да освои пласман на пиедесталот, Лобуе, кој доаѓа од Флорида, ја искористи шансата со неколку сензационални скокови од 27,5 метри височина. Нему на подиумот пред одушевената 60-илјадната публика му се приклучија Колумбиецот Орландо Дуке како второпласиран и Англичанецот Блејк Олдриџ на третото место. Монументалниот музеј Гугенхајм послужи како соодветна заднина за љубилејното педесетто натпреварување во најпрестижната натпреварувачка серија од овој спорт, која беше воведена во 2009 година. Штотуку завршената сезона го смени досегашниот поглед на спортот, бидејќи беше соборен рекордот на освоени поени и тоа повеќе од еднаш, а беше виден и скокот со најголем коефициент на сложеност во седумгодишната историја на натпреварувањето, за на крај Англичанецот Хант да ја освои рекордната петта титула.
Стивен Лобуе го крена на нозе Билбао со првата победа оваа година во саботната пресметка, откако имаше тешка година во која за време на вториот настап во Франција дури и се повреди удирајќи со глава во платформата при еден од скоковите, а шестото место му беше најдобар резултат досега. Во изедначената завршница, само 10,80 поени ги делеа лидерот и седмопласираниот по првите три скока, па четвртата и последна рунда беше одлучувачка и го донесе конечниот расплет со кој што зад Американецот по шести пат оваа година на подиумот се најде Орландо Дуке, а поранешниот олимписки учесник Блејк Олдриџ, направи уште еден врвен резултат со пласманот на третото место.
Во генералниот поредок Гери Хант стигна до 1320 поени со што ја освои шампионската титула, со шест победи од осум натпреварувања, а севкупно има 25 триумфи во досегашните педесет настани. Во дуелот за второто место на Јужноамериканците како победник излезе легендата на овој спорт Орландо Дуке со 970 поени, додека момчето од Мексико, Џонатан Паредес, има 849 поени. Разврската на табелата значи и автоматска квалификација на шестмината најдобри во стартниот поредок за идната сезона, што во овој случај значеше пласман на Блејк Олдриџ и Американците Дејвид Колтури и Енди Џонс.
По осум исцрпувачки натпреварувања од април до септември, при што овој чистокрвен екстремен спорт ги допре водите на некои природни, но и урбани опкружувања, како и далечни и монументални места коишто беа домаќини низ Јужна Америка, САД и Европа, во 2016 година оваа светска серија ќе се врати во голем стил со својата осма сезона.
Изјави на победниците
Гери Хант (Велика Британија)
Да се биде шампион е неверојатно чувство. Денеска ми беше малку чудно, бев разочаран на половина од мојот последен скок поради трчачкиот залет што го направив. Едноставно скокнав премногу далеку од платформата и не можев да го контролирам крајот. Сепак не можам да бидам премногу разочаран бидејќи ова беше најдобрата година во мојата кариера и во мојот живот. Многу сум среќен и сега со нетрпение ја чекам следната сезона.
Стивен Лобуе (САД)
Влегов во оваа сезона повреден и тоа ми донесе навистина тешка година. Како што се развиваше сезоната, се здобив со уште некоја повреда, а потоа удрив со лицето во платформата, што претставуваше уште една тешкотија. Сепак, бев доволно ментално силен за да го надминам тој инцидент и заради тоа сум многу, многу среќен што денеска бев во можност да ги изведам овие скокови. Сега сум без зборови, навистина, а бидејќи не сум меѓу првите шест, останува да видиме што ќе се случи следната година. Доколку има натпреварување, ќе гледам да се изборам за место во идната сезона, или пак можеби едноставно ќе бидам селектиран.
Резултати Билбао: 1. Стивен Лобуе (САД) 481,50 поени, 2. Орландо Дуке (Колумбија) 469,90 поени, 3. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 467,80 поени, 4. Михал Навратил (Чешка) 445,85 поени, 5. Дејвид Колтури (САД) 438,00 поени, 6. Џонатан Паредес (Мексико) 436,65 поени, 7. Енди Џонс (САД) 434,35 поени, 8. Серхио Гузман (Мексико) 397,80 поени, 9. Крис Коланус (Полска) 315,50 поени, 10. Гери Хант (Велика Британија) 313,70 поени, 11. Кајл Митрионе (САД) 295,50 поени, 12. Жуслињо Жуниор (Бразил) 277,00 поени, 13. Мигуел Гарсија (Колумбија) 276,35 поени, 14. Алесандро де Росе (Италија) 261,10 поени.
Генерален пласман: 1. Гари Хант (Велика Британија) 1320 поени, 2. Орландо Дуке (Колумбија) 970 поени, 3. Џонатан Паредес (Мексико) 849 поени, 4. Блејк Олдриџ (Велика Британија) 820 поени, 5. Дејвид Колтури (САД) 690 поени, 6. Енди Џонс (САД) 590.