„Плачев без прекин и не станав од кревет 6 недели“: Кајли Џенер отворено за постпородилната депресија по 2-те бремености
- Детали
- четврток, 23 февруари 2023
„Имав постпородилна депресија. Двапати. Првиот пат беше многу тешко, вториот пат полесно се справив. Во тие моменти си мислите дека никогаш нема да ви помине...“ - Кајли Џенер во интервју зборува за постпородилната депресија, славата од рана возраст, како и справувањето со бројните критики од јавноста.
Во ново интервју за Vanity Fair Italy, Кајли Џенер им дава совети на жените со постпородилна депресија, а открива и како се справува со постојаните критики од јавноста.
25-годишната ријалити ѕвезда има две деца со поранешниот партнер Тревис Скот – 5-годишната Сторми и 1-годишниот Ер.
Во интервјуто, Кајли вели дека по првата бременост ѝ било особено тешко да се справи со депресијата, додека вториот пат состојбата ѝ била малку подобра.
Кајли споделува и совети за новите мајки кои се во слична положба.
„Имав постпородилна депресија. Двапати. Првиот пат беше многу тешко, вториот пат полесно се справив. Би им кажала на жените да не размислуваат премногу и целосно да ги почувствуваат емоциите од тој момент.
Останете во тој момент, дури и ако е болен. Знам, во тие моменти си мислите дека никогаш нема да ви помине, дека вашето тело никогаш нема да биде како претходно, дека вие никогаш нема да бидете исти.
Тоа не е вистина: хормоните, емоциите во таа фаза се многу помоќни и поголеми од вас. Мојот совет е да ја преживеете транзицијата, без да се плашите од последиците.
Ризикот е да ги пропуштите сите убави нешта што ги носи мајчинството“.
Кајли се осврна и на убавиот дел од мајчинството.
„Бев највозбудена кога бев во болница сама и со ново, непознато суштество во моите раце. Тоа е толку уникатна и посебна ситуација.
Има и уште еден волшебен момент – кога ќе ги донесете децата дома. Тоа е можеби најубавиот момент“.
Ова не е првпат Кајли да се отвори за постпородилната депресија - зборуваше на оваа тема во епизода од ријалити шоуто на Кардашијанс во 2022 година:
„Ми беше навистина тешко. Плачев без прекин, секој ден, во првите три недели. Плачев толку многу, што на крај само лежев во кревет и имав силна главоболка. По околу шест недели почнав да се чувствувам подобро“.
„Постпородилната депресија не е лесна. Не е лесно ментално, физички, духовно… лудо е. Не ни мислев дека денес ќе успеам да направам нешто но еве ме, се чувствувам подобро, што значи ќе успеете и вие. И, во ред е да не бидете во ред“, изјави Кајли.
Во новото интервју, младата богаташка зборува и за вниманието што го добива од целата јавност, особено критиките кои се секојдневие.
„Пораснав во центарот на вниманието. Отсекогаш ми било природно. Целото внимание никогаш немало влијание врз мојот карактер.
Славата дојде рано во мојот живот, па можам да кажам дека не можам да дефинирам пред или потоа – за мене отсекогаш било вака“.
„Не можете ни да замислите што сè имам прочитано за мене низ годините. Но, знаете што? Повеќе не ги читам коментарите. Станав силна и сфатив дека нема потреба да дозволам да бидат дел од мојот живот.
Секако, добивате реакции и некогаш е невозможно да не се заплеткате во нешто што е лажно. Но дури и во овие случаи, моето огледало се моето семејство, пријатели, луѓе кои ме сакат.
Тие се оние кои ми покажуваат која сум јас, тие знаат која сум јас навистина“.
Спирова С. | Црнобело