Семејството на Брус Вилис откри дека состојбата му се влошува: „Тој има и деменција, не може да комуницира, но наоѓа радост“
- Детали
- петок, 17 февруари 2023
„Откако ја споделивме дијагнозата за афазија на Брус, неговата состојба се влоши и сега имаме поспецифична дијагноза – фронтотемпорална деменција. За жал, предизвиците со комуникацијата се само еден симптом на болеста со која се соочува Брус. Иако ова е болно, олеснително е што конечно имаме јасна дијагноза“, пишува во заедничката изјава на семејството на Брус Вилис.
По неполна година од дијагнозата со афазија, семејството на Брус Вилис соопшти дека актерот е дијагностициран и со фронтотемпорална деменција.
67-годишната холивудска ѕвезда минатата година се повлече од актерската кариера бидејќи афазијата има влијание врз неговата способност за комуницирање.
Фронтотемпоралната деменција, пак, предизвикува прогресивно оштетување на нервните клетки во фронталниот лобус на мозокот, поради кое настануваат промени во однесувањето и карактерот на личноста, како и тешкотии во разбирање на јазикот.
Лошите вести за состојбата на актерот се споделени на официјалниот веб-сајт на американската Асоцијација за фронтотемпорални заболувања, со заедничка изјава од семејството.
„Нашето семејство сака да ја искаже длабоката благодарност за неверојатното споделување љубов, поддршка и прекрасни приказни што ги добивме откако ја споделивме оригиналната дијагноза на Брус.
Во духот на тоа, сакаме да ве известиме за нашиот сакан сопруг, татко и пријател бидејќи сега имаме подобро разбирање за она коешто го искусува.
Откако ја споделивме дијагнозата за афазија на Брус во пролет 2022, неговата состојба се влоши и сега имаме поспецифична дијагноза – фронтотемпорална деменција (ФТД).
За жал, предизвиците со комуникацијата се само еден симптом на болеста со која се соочува Брус. Иако ова е болно, олеснително е што конечно имаме јасна дијагноза.
ФТД е сурова болест за која многумина од нас не слушнале и може да се појави кај секого. За луѓето помлади од 60 години, ФТД е најчестата форма на деменција, а бидејќи дијагностицирањето може да трае со години, болеста е многу почеста отколку што мислиме.
Денес нема третмани за болеста, реалност која се надеваме дека ќе можеме да ја промениме во наредните години.
Како што состојбата на Брус се влошува, се надеваме дека вниманието на медиумите ќе биде насочено кон оваа болест за која се потребни поголема свест и повеќе истражувања“.
Во емотивната изјава, семејството на актерот вели дека доколку би бил во можност, самиот би сакал да ја зголеми свеста за оваа болест со цел да им помогне на сите други кои страдаат од неа.
И семејството на актерот ги охрабрува фановите да истражат повеќе за болеста.
„Брус отсекогаш наоѓал радост во животот – и им помагал на сите да го направат истото. Трогнати сме од љубовта што ја споделивте за нашиот драг сопруг, татко и пријател во ова тешко време.
Вашите сочувство, разбирање и почит ќе ни овозможат да му помогнеме на Брус да живее што е можно поисполнет живот“, завршува изјавата потпишана од сопругата на актерот, бившата Деми Мур и неговите пет ќерки.
Покрај проблемите со комуникација што ги предизвикува болеста, кај Брус Вилис може да се јави и целосна промена на неговиот карактер, вклучувајќи и незаинтересираност за другите и компулсивност.
Извор близок до актерот претходно сподели дека Брус Вилис одамна покажувал симптоми на афазија.
Околу две години пред јавноста да дознае за неговата состојба, тој веќе имал проблеми со сеќавањето и на дел од неговите последни филмови, се забележува дека носи слушалка преку која му ги читале дијалозите за сцената.
Всушност, бидејќи актерот бил свесен дека состојбата најверојатно ќе му се влоши, пред да се повлече од кариерата сними повеќе филмови – само во 2022 година, премиерно беа прикажани над четири негови филмови.
Актерот доби неколку номинации за Златна малина за филмовите, но штом организаторите дознаа зошто всушност снимил толку филмови, ги повлекоа номинациите и јавно се извинија.
Спирова С. | Црнобело