Мрачни детали од животот на Брук Шилдс: На 11 години глумеше проститутка, во 20-тите била силувана
- Детали
- петок, 10 февруари 2023
Во нов документарец, актерката Брук Шилдс отворено зборува за најголемите контроверзии од нејзината кариера, вклучувајќи го филмот во кој глуми проститутка на 11 години, како и филмот во кој снима секс-сцени на само 16 години. Актерката открива и дека во 20-тите години од животот била силувана.
Кариерата на Брук Шилдс почна со многу контроверзии – уште пред да стане тинејџерка, актерката беше сексуализирана, а и самата вели дека денес сигурно никој не би дозволил да се снимаат нејзините први филмови.
Брук стана светски позната на многу рана возраст, успеа да заврши факултет, а подоцна стравувала дека веќе го достигнала врвот и дека нејзината кариера во забавната индустрија е завршена.
Ова е една од темите за коишто зборува Брук во нејзиниот нов емотивен документарец – Pretty Baby – кој ќе биде премиерно прикажан годинава.
Во документарецот, актерката открива и мрачен детаљ од нејзиното минато – во 20-тите години од животот, била силувана.
Брук дипломира на Универзитетот Принстон во 1987 година и веднаш почнала да се грижи дека повеќе нема да може да најде работа како актерка.
Тогаш случајно налетала на познаник кој ѝ рекол дека може да ѝ помогне да добие улога во некој филм и ја поканил на ручек за да зборуваат за тоа.
„Мислев дека одам на состанок. И претходно го имав сретнато тој маж и секогаш бил добар со мене“.
Но, како што седнале во ресторанот, актерката сфатила дека тој зборува за други работи и не го ни спомнува филмот.
Актерката решила да си оди и сакала да викне такси, но мажот инсистирал да викне такси од неговата хотелска соба.
„Отидов во неговата соба и тој исчезна на некое време“, вели актерката и додава дека кога се вратил, бил гол и ја нападнал.
„Беше како да се бориме. Ми беше страв дека ќе ме задави или нешто слично, не знам. Не давав многу отпор… бев замрзната. Само си помислив: ’Остани жива и бегај оттука‘“.
Брук вели дека додека мажот ја силувал, пробувала ментално да не биде присутна:
„Бог знае дека знам како да се оддалечам од моето тело. Го вежбав тоа, додека бев модел“.
По нападот, 57-годишнта актерка со такси се упатила кон станот на некој пријател и вели дека плачела цел пат.
Ова трауматично искуство е само едно од бројните на актерката.
Во истиот документарец таа се навраќа и на почетните денови од нејзината кариера.
Актерката се прослави во 1978 година со филмот Pretty Baby. Тогаш имаше само 11 години, а во филмот глуми дете проститутка.
Во филмот има и сцена каде што Брук бакнува 29-годишен актер.
Иако порано актерката сама го има брането филмот, од јавноста беше осудуван дека се граничи со детска порнографија. Во многу земји премиерата беше одложувана за да се отстранат најконтроверзните сцени со малата Брук.
На 14-годишна возраст, Брук сними уште еден контроверзен филм – Blue Lagoon – каде што се појавува покрај тогаш 18-годишниот Кристофер Аткинс.
Во филмот има и секс-сцени, но актерката тврди дека за нив биле користени возрасни двојници.
Сепак, таа откри дека продуцентите ја терале да почне врска со Кристофер за поголема популарност на филмот.
Следната година, Брук се појави во уште еден филм, Endless Love, каде што повторно снимала секс-сцени.
Во документарецот, актерката открива дека режисерот физички ја повредувал за да ја изнуди саканата реакција од неа за пред камера.
„Ми го фати прстот на ногата и почна да ми го витка, па изгледав како да сум во екстаза. Во реалноста, бев во болка бидејќи ме повредуваше…
Не сакав да изгледам како да сум глупава или неталентирана, па само пробав да се одделам од моето тело“.
Уште поужасно во целата ситуација е што нејзината мајка ѝ била менаџер и всушност таа ја терала да ги прифаќа овие улоги.
„Брук е како уметничко дело. И како и секоја убава слика, светот треба да ја види Брук и да ужива во неа“, изјави мајка ѝ во старо интервју.
Спирова С. | Црнобело