„Си ги криев градите за очувот да не ме злоставува, секој миг очекував да ја убие мајка ми“ – мрачни детали од детството на Шанаја Твејн
- Детали
- вторник, 13 декември 2022
„Носев градници кои ми беа премали, носев и по два пара, го криев секој дел што ме правеше девојче. Сакав да бидам незабележлива. Бидејќи, Боже, беше ужасно – не би сакале да бидете девојче во мојот дом“, откри пејачката Шанаја Твејн во интервју за своето мрачно минато.
Иако можеби денес не е популарна како порано, сите ја знаеме Шанаја Твејн и сите сме ги слушнале нејзините огромни хитови Man! I Feel Like A Woman! и That Don’t Impress Мe Much.
Но она што можеби не сте го знаеле се мрачните детали од нејзиното детство, за кои пејачката неколкупати има зборувано отворено.
Откако се прослави, Шанаја Твејн се соочи со многу предизвици, вклучувајќи и ризична операција на гласните жици поради што мислела дека никогаш повеќе нема да пее.
Но, ништо не се ни споредува со тортурата што ја трпела во детството.
Шанаја пораснала во Онтарио, Канада и не го знае нејзиниот биолошки татко. Мајка ѝ Шерон имала депресија, додека нејзиниот очув Џери бил алкохоличар, имал сериозни проблеми со менталното здравје и бил многу насилен.
Тие живееле во сиромаштија, а пејачката и нејзините браќа и сестри честопати останувале гладни.
А, проблемите со менталното здравје биле честа појава во семејството на Шанаја.
„Третина од моите роднини се самоубија на рана возраст – ова не е преувеличување. Многу од нив умреа и од алкохолизам“, сподели пејачката во интервју за The Guardian.
Односот помеѓу мајката на пејачката и нејзиниот очув бил мошне токсичен, но и насилен.
„Бев загрижена дека очувот ќе ја убие мајка ми. Милев дека ќе се убијат еден со друг. И мајка ми беше насилна. Многу ноќи си легнував мислејќи си: ’Не заспивај, почекај тие да заспијат‘.
Па, станував од кревет да ги проверам дали уште дишат“, вели пејачката во истото интервју.
Шанаја издаде и мемоари во кои отворено зборува за траумата од детството.
Во една ситуација, очувот Џери ја истепал мајка ѝ и таа изгубила свест, а на крај ѝ ја удрил главата од тоалетната школка. Тогаш 11-годишната Шанаја, избезумена, зела стол и го удрила Џери по грбот, по што тој ѝ удрил бокс.
Како насилството да не било доволно, пејачката трпела и психолошко и сексуално насилство.
„Ме малтретираше психички и физички. И сексуално. Почна да ме малтретира сексуално кога имав околу 10 години.
Мислам дека сексуалното малтретирање оди заедно со физичкото и психичкото кога станува збор за личност што ја знаете. Научив да го блокирам тоа“.
Пејачката вели дека размислувала да побара помош, но ѝ било страв да не ја одделат од мајка ѝ.
Во интервју од декември 2022 година, Шанаја вели и дека постојано си ги криела градите додека растела, со надеж дека очувот нема да ја забележи.
„Се криев и пробував да си ги ’испеглам‘ градите. Носев градници кои ми беа премали, носев и по два пара, го криев секој дел што ме правеше девојче.
Сакав да бидам незабележлива. Бидејќи, Боже, беше ужасно – не би сакале да бидете девојче во мојот дом“.
Пејачката открива дека почнала да пишува песни за полесно да се справи со траумите.
„Не сакав да бидам ѕвезда, само сакав да избегам. Насилен дом, напнатост, немавме храна… Кога сте гладни, не можете да правите ништо освен да си го одвлечете вниманието од гладот.
И тоа навистина функционира. Многу деца си играат со кукли, јас си играв со стихови и музика“.
Поради сиромаштијата, Шанаја почнала да пее по барови на само осум години за да може да заработи нешто за семејството.
И покрај ужасните услови во нејзиниот дом, таа продолжила да пее, а откако завршила средно, се преселила во САД со надеж дека ќе се прослави.
Во 1987 година, во периодот кога животот ѝ тргнувал во нагорна линија, нејзината мајка и нејзиниот очув загинале во сообраќајна несреќа.
Пејачката вели дека и покрај траумите, не ѝ било сеедно за нивната смрт.
Истовремено, таа била присилена да се откаже од соништата и да се врати дома за да се грижи за помалите браќа и сестри.
Дури по шест години, Шанаја успеала да потпише договор со продукциска куќа, по што брзо се прослави ширум целиот вет.
Денес пејачката е во среќен брак, сè уште се занимава со музика и вели дека нејзиниот живот е подобар од кога било.
„Како што стареете, имате повеќе искуство во подеми и падови. Неуспесите нема да престанат.
Но, станувате сè подобри во справувањето со нив. Верувам во тоа. Го доживеав тоа“, сподели таа за CNN.