Селена Гомез и уште 5 познати музичари кои платија висока цена за славата во детството
- Детали
- недела, 20 ноември 2022
„Се чувствував злоупотребено. Јас бев мало девојче, а папараците кои сакаа да ме фотографираат беа возрасни мажи“, изјави Селена Гомез за непријатните искуства со папараците.
Талентот на некои музичари е откриен многу рано, па тие стануваат познати уште во тинејџерските години.
Но, ова е навистина проблематичен период од животот – во овие години само што почнуваме да го разбираме светот околу нас, а овде се и бројните хормонални промени кои доаѓаат со пубертетот.
Па, тинејџерските години се можеби најлошиот период да бидеме во центарот на вниманието.
Речиси и да нема личност која се прославила во овој период од нејзиниот живот, а да нема споделено морничави детали за високата цена на славата.
Неколку музичари кои станаа славни во детството и последиците што ги трпеле од тоа:
Џастин Бибер
28-годишниот пејач многупати има зборувано за притисокот што го чувствувал во тинејџерските години откако стана светски познат.
„Сте ја забележале ли статистиката на луѓето кои се прославуваат во детството и каков излегол нивниот живот? Ова се огромни притисок и одговорност за дете чиј мозок и емоции не се уште развиени…
Многу имаат фаза на зависност од дрога и верувам дека ова е бидејќи не можат да се справат со огромните подеми и падови кои доаѓаат со оваа професија“, сподели пејачот во Инстаграм објава.
Џастин има изјавено дека уште поголем проблем проблем била неговата голема заработка – сите правеле сè за него, па до 18-тиот роденден тој имал милиони во банка, но не знаел никако да се грижи за себе.
„До 20-тиот роденден ја направив секоја можна лоша одлука и од најсаканата личност во светот, се претворив во најомразената и најисмејуваната личност“, изјави пејачот, алудирајќи на периодот кога неговото проблематично однесување стануваше повеќе од очигледно.
Вилоу Смит
Бидејќи е ќерка на Вил Смит, на Вилоу ѝ беше судено да биде позната. Фактот што и самата стана дел од забавната индустрија дополнително ја зголеми нејзината популарност.
22-годишната девојка изјави дека почнала да се самоповредува откако нејзината песна Whip My Hair стана популарна.
„Мислам дека го изгубив разумот во еден момент. Се прашував која сум, дали имам некоја цел во животот, дали можам да правам што било освен ова…
По турнејата, промоцијата и сето тоа, сакаа да го завршам албумот. Но, јас им реков дека не сакам. Откако се смири ситуацијата, само слушав навистина мрачна музика. Бев во некоја црна дупка и се самоповредував“.
Мајли Сајрус
Младата пејачка верува дека улогата во серијата Hannah Montana, но и одењето на турнеи не како Мајли, туку како Хана Монтана, имало лошо влијание врз нејзиното ментално здравје.
Луѓето повеќе ја препознавале како Хана Монтана, а не како Мајли Сајрус, а ова било особено тешко за пејачката која тогаш беше само тинејџерка.
„Мислам дека токму ова ми предизвика многу од проблемите што ги имам сега. Мислам дека ми направи голема штета на менталното здравје“.
Мајкл Џексон
Мајкл Џексон се прослави со бендот The Jackson 5 додека уште беше дете.
Бендот го сочинуваа членови на семејството на Мајкл, а нивниот татко им беше менаџер.
Откако порасна и стана светски познат, Мајкл откри дека татко им ги тепал за да работат понапорно.
Односно, ако некој направел грешка за време на проба, тој го удирал со гранка од дрво, колан или кабел.
Селена Гомез
Селена Гомез помина низ пекол и многупати има зборувано за цената на славата.
Пејачката вели дека се чувствувала злоупотребено кога папараците ја фотографирале додека била само тинејџерка.
„Се чувствував многу злоупотребено. Не ми се допаѓаше и не ни разбирав. Ми беше чудно бидејќи јас бев мало девојче, а папараците беа возрасни мажи“.
Истовремено, Селена немала никаква приватност во тинејџерските години.
„Одвратно е бидејќи возрасни луѓе ги интересира што прават деца. Известуваа за секое мое движење и поради Инстаграм и Твитер сите можеа да откријат сè“.
Деми Ловато
И Деми Ловато се соочи со бројни проблеми поради славата што ја стекна на многу рана возраст.
„Секогаш ќе ја гледам славата во детството како нешто трауматично. Ниту едно дете не треба да биде во центарот вниманието. Притисокот е преголем. Со ова ви го крадат детството кое никогаш нема да го искусите.
Во тинејџерските години, оние кои не се славни пробуваат да го разберат животот. Одат на забави, прават грешки. Но, ако имате 15 години и сте славни, грешките стануваат многу поголеми“.
Спирова С. | Црнобело