Фановите загрижени за здравјето и изгледот на Џесика Симпсон: „Зборува развлечено, преслаба е, нешто не е во ред“
- Детали
- среда, 09 ноември 2022
„Ја спасивме Бритни, сега треба да ја спасиме Џесика“, гласи еден од коментарите на загрижените фанови кои сметаат дека Џесика Симпсон изгледа преслабо и се однесува чудно во нејзината нова реклама.
По долга и тешка битка со алкохолизмот, Џесика Симпсон успеа да се справи со зависноста и да си го подобри животот.
42-годишната пејачка направи и драстична трансформација во изгледот откако почна да се грижи за своето здравје и се ослободи од вишокот килограми.
Сепак, во последно време фановите се загрижени дека пејачката е преслаба, па дури и дека можеби повторно им се вратила на старите пороци.
Пред неполна недела, Џесика сними реклама за Pottery Barn – бренд за мебел кој е популарен во Америка.
Во рекламата, пејачката ја покажува собата на нејзината 3-годишна ќерка, притоа опишувајќи го мебелот.
Но, фановите веднаш забележаа дека пејачката не изгледа најдобро и дека ги развлекува зборовите додека зборува.
Повеќето ја изразија нивната загриженост во коментарите на објавата:
„Нешто не е во ред овде“.
„Колку е здрвена. Изгледа и се однесува многу чудно. Исто така, премногу е слаба“.
„Што се случува со нејзиното лице? Едвај зборува“.
„Не ме згрижува изгледот, колку што ме загрижува бавниот говор“.
„Ја спасивме Бритни, сега ќе треба да ја спасуваме Џесика“.
Некои, пак, сметаат дека коментарите се полни со омраза и непотребни критики насочени кон Џесика.
Сепак, повеќето истакнуваат дека никој не ја критикува, туку станува збор за вистинска загриженост за состојбата на пејачката. Исто така, некои коментираат дека ова не е првпат пејачката да изгледа и да се однесува чудно.
Очигледно, Џесика обрнала внимание на коментарите, па реши да се огласи во врска со нив.
Пејачката објави видео на Инстаграм на кое пее, а во описот истакнува дека коментарите во врска со алкохолизмот многу ја повредиле, како и дека пет години се нема напиено капка алкохол.
„Денес морав да бидам во моето студио бидејќи овде се приземјувам и закрепнувам. Колку и да можам да ги блокирам деструктивните коментари, осудувањата на луѓето сепак можат да ме повредат.
Најважното нешто што го научив во изминативе 5 години без алкохолот како средство за бегање е дека можам и секогаш ќе ги надминувам тешките периоди. Способна сум за што било што ќе наумам“.
Пејачката вели и дека има сочувство за луѓето кои пишуваат омразувачки коментари на социјалните мрежи.
„Сите имаме денови кога сакаме да бидеме, да изгледаме и да се чувствуваме подобро. Никој не е сам во тоа. Се будам анксиозна и несигурна, но во исто време гневна и со желба да се одбранам – како некои од вас“.
На крај, пејачката ги советува фановите да не се откажуваат само затоа што некој „кренал раце“ од нив.
Сепак, фановите повторно истакнуваат дека не ни помислуваат да ја критикуваат, туку искрено се загрижени:
„Ти си сакана и мислам дека луѓето се навистина загрижени. Можеме да видиме дека нешто не е во ред. Не сите коментари во врска со твоето здравје се негативни“.
„Џесика, отсекогаш си била убава. Знам дека ослабе многу, но доволно е. Лицето ти изгледа испиено, очите пропаднати и имаш темни кругови. Премногу е.
Луѓето можат да бидат сурови, но сметам дека оние кои коментираат се искрено загрижени за твоето здравје. Не го претворај слабеењето во опсесија, како алкохолизмот“.
Во 2020 година, Џесика Симпсон објави мемоари во кои отворено зборуваше за битката со зависностите.
„Се убивав со пиење и апчиња. Речиси го достигнав дното“.
Поради алкохолот, но и трите бремености, пејачката имаше и проблем со вишокот килограми.
Сепак, откако ги промени животните навики, ослабе околу 45 килограми во период од една година.
Пејачката ја добиваше целата поддршка од јавноста, пред повторно да ги загрижи фановите со својот изглед.
Спирова С. | Црнобело