Се заколна дека ќе го врати старателството над синот, но не успеа - Братот на Ник Картер од Backstreet Boys пронајден мртов
- Детали
- недела, 06 ноември 2022
Имаше само 9 години кога стекна светска слава и почна да оди на турнеи заедно со неговиот постар брат Ник Картер и Backstreet boys, а во последните неколку години повеќе внимание привлекуваше заради скандалите и борбите со пороците. Арон Картер е најден мртов на возраст од само 34 години.
Според пишувањата во светските таблоиди младиот пејач бил најден мртов во саботата (05.11.) во кадата во неговиот дом во Калифорнија. Засега не се соопштуваат причините за смртта.
Пејачот тврдеше дека во последните 5 години не консумирал други опојни супстанци освен марихуана и лекови за смирување.
Роден во 1987 година во Тампа, Флорида, Арон стекна популарност во 1997-ма година кога почна да настапува на турнејата на бендот на неговиот постар брат Ник, Backstreet boys. На 9 години го објави првиот албум насловен Aaron Carter што беше рекордно распродаден, по што следуваа уште три други албуми.
Освен со Basckstreet boys, настапуваше и со Бритни Спирс, а во последните неколку години повеќе внимание привлекуваше заради пороците и скандалите со неговата свршеница Мелани Мартин. Во повеќе наврати беше на рехабилитација за зависности од опојни супстанци.
Тој и Мелани во ноември 2021-ва година го добија синот Принц. Нивната врска беше проследена со голем број пријави за семејно насилство, а Мелани во една прилика дури беше уапсена затоа што го нападнала пејачот.
Во септември годинава повторно се пријави на рехабилитација, откако претходно го загуби старателството над 11 месечниот син.
Во последното интервју тој се заколна дека ќе го врати старателството над синот Принц. Како што рече, немаше намера да се врати на времето кога беше мега-популарен.
„Јас не се грижам за славата бидејќи бев на секое скалило во индустријата и постигнав подеми и падови – тоа е како ролеркостер. Јас сум пејач, текстописец, изведувач и тоа е тоа што го работам и никогаш нема да се откажам од тоа“ – рече Арон во своето последно интервју.
Инаку, Арон имаше уште две други сестри, неговата близначка Ејнџел и Лесли Картер која почина во 2012-та година на возраст од 25 години откако се предозира со лекови за смирување. Тој во една прилика призна дека токму сестра му Лесли била таа што го вовела во светот на дрогата.
Б. С. Б. | Црнобело