Мораа да ја кријат врската, Викторија го запросила Дејвид - 8 факти за бракот на Бекамови, по повод 23-тата годишнина
- Детали
- вторник, 05 јули 2022
Дејвид Бекам знаел дека Викторија ќе му биде сопруга уште кога првпат ја видел, а кога ја запросил, Викторија решила да го изненади, па и таа му купила прстен и го побарала за маж.
Дејвид и Викторија Бекам ја прославија 23-тата годишнина на 4-ти јули, а по тој повод и двајцата споделија романтични објави на Инстаграм.
Викторија сподели фотографија со саканиот на која има широка насмевка, а во описот спомнува и дел од гласините со коишто се соочиле низ годините.
„Велат дека тој не бил смешен, велат дека јас никогаш не се смеам, велеа дека нашата врска нема да трае. Денес славиме 23 години брак. Дејвид, ти си ми сè, многу те сакам!“
Поранешниот фудбалер, пак, сподели инсерт од старо интервју со Саша Барон Коен во кое актерот е преправен во неговиот препознатлив лик Али Џи.
Во интервјуто, актерот го прашува Дејвид дали ги сакал Spice Girls пред да ја запознае Викторија, на што фудбалерот одговара:
„Не, но ја сакав Пош (прекарот на Викторија)“.
Во описот, Дејвид напишал: „Пред 23 години Пош стана госпоѓа Бекам, но таа секогаш ќе биде Пош. Среќна годишнина. 23 години и четири прекрасни деца. Те сакам, сите ние те сакаме“.
Во 23-те години заедно, Викторија и Дејвид се соочија со многу предизвици – од предвидувања дека нивната врска нема да трае, па сè до гласини за неверство и развод. Но, тие секојпат умешно се справувале со гласините и не дозволувале да влијаат врз нивната врска.
Дејвид и Викторија Бекам дефинитвно се пар за пример, а во продолжение неколку забавни факти што само го потврдуваат тоа:
Кога првпат ја видел Викторија во спот на Spice Girls, Дејвид знаел дека таа ќе му биде сопруга.
„Го гледав спотот со Гери Невил во 1996, се свртев кон него и му реков: ’Тоа е девојката со којашто ќе се венчам“.
На почетокот, Дејвид и Викторија ја чуваа врската во тајност и се гледале скриени во автомобилот на фудбалерот.
„Менаџерот на Викторија сакаше да ја криеме врската, па се гледавме на паркинг во автомобил и разговаравме. Јас ја земав од дома и само се бакнувавме и поминувавме време заедно“, открива фудбалерот.
Во 1998 година Дејвид ја запроси Викторија со прстен направен специјално за неа. Но, на негово големо изненадување, и Викторија купила прстен за да го запроси.
„Седевме во хотелската соба кога Дејвид го извади прстенот, клекна на колено и ми рече ’Ќе се омажиш ли за мене?‘ Откако му реков да, го извадив прстенот што го купив јас и му реков: ’Дали ТИ ќе се ожениш за мене?‘“
На нивната венчавка, Викторија прво носеше венчаница, а потоа и таа и Дејвид се појавија во складни виолетови комбинации. Но, фудбалерот вели дека сега се срами од облеката што ја носел.
„Комбинацијата на Викторија беше многу убава. Но што сум мислел јас? Изгледам како ликовите од Dumb and Dumber кога одат на забава во смешната облека. Дури имав и виолетов шешир. Неверојатно. Што ли сум мислел?“
Можеме да научиме многу за среќен брак од Дејвид и Викторија, а двајцата велат дека едно од најважните нешта е делењето на домашните обврски. На пример, двајцата ги носат децата на училиште, а најчесто Дејвид е задолжен за готвење.
Нормално, и Дејвид и Викторија имаат несогласувања. Според некои извори, Викторија воопшто не ги сака тетоважите на фудбалерот. Наводно, дури и пробала да го убеди да престане да се тетовира, но безуспешно.
Во 2017 година Дејвид и Викторија ги обновија нивните завети на приватна церемонија со само седум гости.
Иако и двајцата се светски познати, Дејвид и Викторија велат дека сакаат што е можно пообичен живот.
„Немаме цел да станеме најпознатите луѓе во Америка. Ние сме ние и ги имаме нашите деца. Не сме ни свесни за голем дел од лудилото околу нас. Навистина само си ја цениме приватноста“, изјави Викторија.
Спирова С. | Црнобело