Младоженецот плаче пред свадбата, тато Дејвид танцува со Харпер – Први професионални фотки од свадбата на Бруклин Бекам и Никола Пелц
- Детали
- вторник, 24 мај 2022
Советот што Дејвид Бекам му даде на својот син за среќен брак, Бруклин со солзи во очите додека чека да започне церемонијата, танцот на Харпер и Дејвид - Ова се само некои од највпечатливите моменти од свадбата на Бруклин и Никола Пелц Бекам што за првпат имаме можност да ги видиме.
За време на свадбата на најстариот син на Викторија и Дејвид Бекам, Бруклин и неговата сопруга Никола гостите требало да ги остават мобилните телефони пред да влезат, а токму заради тоа никој досега немаше можност да види што се случуваше внатре.
Магазинот Vogue во најновото издание објави повеќе фотографии од свадбата што се одржа во април, а која беше најавена како „кралска свадба“ во САД. Во статијата посветена на денот кога Бруклин и Никола Бекам Пелц го кажаа судбоносното „Да“, се откриваат повеќе детали за тоа што се случувало зад затворени врати.
Досега имавме можност да видиме само една од венчаниците, но Никола за време на свадбената церемонија променила три венчаници, а Бруклин избрал уште еден соодветен костум во кој ќе биде модно усогласен со својата сопруга.
Без знаење на Никола, нејзината мајка Клаудија Пелц побарала од шивачката да зашие „завидливо око“ против уроци и дискретно да вметнат порака во венчаницата во која стои написот:
„Никола, срце мое. Ти си јас, јас сум ти. Ти си моја љубов, мој живот, мое прекрасно девојче и однатре и однадвор. Те сака, мама“.
Никола вели дека била среќна што мајка ѝ ѝ ја покажала оваа порака по церемонијата, затоа што потоа веднаш почнала да плаче.
„За мене најважен момент во целата свадба беше мигот кога за првпат ја видов Никола во венчаницата. За првпат во животот ми се случи да неможам да земам здив“ – рече Бруклин.
Веќе се знае дека на свадбата имало голем број познати гости, спектакуларен настап на Марк Ентони кој настапил на ротирачка сцена, а познато е дека и рабинот кој бил голем обожавател на фудбал двапати го згрешил името на младоженецот и го нарекол Дејвид, а ова уште еднаш е потврдено и од присутните новинари на Vogue.
Сепак, нивната камера успеала да долови моменти што досега не можевме да ги видиме, како на пример моментот кога Бруклин Бекам со солзи во очите стои сам и чека да започне свадбената церемонија, моментот кога Дејвид Бекам танцува со ќерката Харпер (10), но и татковскиот совет што славниот фудбалер му го даде на својот најстар син.
За време на церемонијата повеќе од блиските членови во семејството имале свои говори во кои дале свои совети за успешен брак, а говорот на Дејвид бил најдолг, но најважен бил советот што му го дал на крај:
„Најважно е да направите сè за да бидете среќни и да се однесуваш кон твојата сопруга како да е направена од злато“.