Со Ванеса Паради го достигна врвот, а со Амбер Херд дното во кариерата – Љубовната врска на Џони Деп со мајката на неговите деца
Ванеса и Џони се запознале во Париз во 1998-ма година кога заедно работеле на снимањето на филмот The Ninth Gate, а актерот тврдеше дека во неа се вљубил на прв поглед.
„Таа носеше фустан со разголен грб и прво го забележав грбот и вратот, а потоа се сврте и кога ги видов тие очи... Бум. Мојот живот како сингл маж заврши. Го имав тоа чувство – не можам да го објаснам, но ја видов на другиот крај од собата и си мислев: ‘Што ми се случува’?“ – раскажа своевремено Џони.
Само 3 месеци откако се запознале, Ванеса останала бремена со нивната ќерка Лили Роуз Деп, која се родила во мај 1999-та година, а во 2002-ра година го добиле и синот Џек. Џони во едно интервју рече дека децата му дале мотивација во животот да биде посилен и да работи попосветено.
Во годините додека беше во врска со Ванеса успеа да се воздигне на холивудското актерско небо. Од актерот што играше во уметнички филмови, успеа да добие главни улоги во популарни филмски серијали, а нивниот заеднички живот го поминуваа во нивниот дом во Холивуд, двете куќи во Франција, на луксузната јахта, како и на приватниот остров на Карибите.
Во 2011-та година Џони даде интервју во кое рече дека тој и Ванеса имаат совршен заеднички живот, дека децата се мошне среќни. Појасни дека уживал во тоа да се напие чаша или две вино пред вечера додека ги гледа неговите деца како си играат во близина.
Сепак, веќе следната 2012-та година нивните портпароли излегоа со информација дека парот ќе се раздели и ќе останат во пријателски односи. При разделбата Џони одлучил да ѝ даде сума од 150 милиони долари на Ванеса, со цел да ги избегнат судските постапки.
Тој во едно интервју рече дека главна причина за раскинувањето била постојаната разделеност, а Ванеса, пак, иако одбегнуваше да говори за тоа, во една прилика само потенцираше:
„Некогаш се случува да не сте среќни во врската. Го сакате многу, но не сте среќни, а верувате дека нештата може да се променат или да ги промените“.
Според првичните информации, Џони велеше дека со Амбер ја започнал врската откако раскинал со Ванеса, но во најновото сведочење на суд, призна дека ја изневерил тогашната партнерка со идната сопруга за време на снимањето на филмот The Rum Diary во 2009-та година.
Во 2020-та година Ванеса даде кратка изјава и застана во одбрана на нејзиниот партнер по обвинувањата за семејно насилство:
„Свесна сум за наводите во кои Амбер Херд повеќе години наназад јавно го обвинува Џони, но тоа воопшто не наликува на тој Џони што јас го познавам и од моето лично долгогодишно искуство, ќе кажам дека никогаш не бил насилен кон мене“.
Прочитајте и Огромен веренички прстен, две луксузни свадби, скандали и развод – Факти за бурната врска на Џони Деп и Амбер Херд
Б. С. Б. | Црнобело