Мадона (63) раскина со 28-годишниот дечко + детали за бурните врски на пејачката со мажи помлади од неа
- Детали
- среда, 27 април 2022
Мадона и 35 години помладото момче се разделија по речиси четири години заедно, но ова не е единствената врска на пејачката со многу помлад маж – таа имала неколку кратки врски со танчари и модели кои се над 2 децении помлади од неа.
Мадона стави крај на врската со нејзиното 28-годишно момче Ахламалик Вилијамс, но наводно возрасната разлика од 35 години не е причина за разделбата.
Штом 63-годишната пејачка ја почна врската со нејзиниот танчар Ахламалик Вилијамс, јавноста остро ја критикуваше поради огромната возрасна разлика. Сепак, и покрај ова, тие „издржаа“ заедно речиси четири години.
Мадона суптилно го спомна раскинувањето со необична објава на Инстаграм Стори која гласи:
„Кармата вели: Кога некој во твојот живот не е вистинскиот за тебе… Бог постојано ќе го користи за да те повреди сè додека не станеш доволно силен за да го оставиш“.
Пејачката нема откриено ништо друго за разделбата, но извори блиски до неа тврдат дека таа и танчарот, едноставно, се оддалечиле за време на локдаунот.
„Мадона има активен социјален живот и се гледа со семејството и пријателите по разделбата. Има натрупан распоред, работи на нејзиниот филм, нова музика и се грижи за семејството.
Врската со Ахламалик не беше стабилна веќе извесно време. Помеѓу нив има многу љубов, но сега тие одлучија да се разделат“, тврди изворот на The Sun.
„Уште се во добар однос, но се наоѓаат на различни места во нивните животи. Неколку месеци поминаа заедно во локдаунот, но сега тој се исели од нејзината куќа. Бидејќи и двајцата имаат многу обврски, беше тешко да ја одржат романсата“.
Првите гласини за врската на Мадона и многу помладото момче се појавија во 2019 година. Набрзо потоа, на големо изненадување на сите, се огласи таткото на танчарот кој ги потврди гласините и даде поддршка за нивната врска.
Најчудно во целата ситуација е што таткото на Ахламалик е две години помлад од Мадона.
„Љубовта не знае за граници. Син ми ужива во животот, а јас сум среќен за него“.
Иако Ахламалик е најмладото момче што Мадона го имала досега, огромната возрасна разлика со нејзините партнери не е ништо ново за неа.
Всушност, таа имала неколку врски со мажи кои се цела деценија, па и повеќе, помлади од неа.
Тимор Стефенс е уште еден танчар заведен од Мадона. Тимор е 30 години помлад од Мадона, а според изворите тие се гледале извесен период во 2014 година.
Веројатно танчарите се „слаба точка“ на Мадона, а тоа го покажуваат и авантурите со Брахим Заибат и Хесус Луз кои се 29 години помлади од пејачката. Мадона се гледала со Брахим од 2010 до 2013 година, а со Хесус – од 2008 до 2010 година.
Познатата пејачка имаше и кратка афера со бившиот на Џеј Ло – Алекс Родригез – кој е 18 години помлад од неа. Оваа афера во 2008 година беше причина за разводот на Алекс со сопругата со која беше во брак шест години.
Моделот Кевин Сампаио е цели 33 години помлад од Мадона. Според изворите, тие се гледале од 2017 година, најверојатно до почетокот на врската на Мадона и последното момче.
Зад себе Мадона има и два брака – со Шон Пен од 1985 до 1989 и со Гај Ричи од 2000 до 2008 година.
Своевремено, бракот на Мадона и Шон Пен беше најпопуларниот и иако навидум нивниот живот изгледаше совршено, постепено почнаа да се појавуваат секакви гласини.
Наводно, една од главните причини за нивната разделба бил темпераментот на Шон Пен, а некои извори тврдат и дека тој бил насилен кој пејачката.
Шон Пен предизвикал и тепачка во ноќен клуб поради љубомора и веројатно ова ја прелило чашата за Мадона.
Бракот со Гај Ричи беше помирен, а тие заедно го имаат и синот Роко Ричи кој се роди кратко по нивната венчавка. Подоцна, во 2006 година, го посвоија и синот Дејвид Банда.
Пејачката има изјавено дека се разделиле бидејќи помеѓу нив повеќе не постоела љубов.
Спирова С. | Црнобело