„Имам постпородилна депресија, му го сменивме името на синот“ – Кајли Џенер сподели интимни детали од бременоста во емотивно видео
- Детали
- вторник, 22 март 2022
Кајли Џенер сподели емотивно видео со инсерти од бременоста, а набрзо потоа изјави дека се премислила за името на синот - Волф (волк), но не откри кое е новото. Неколку денови претходно, Кајли откри дека има постпородилна депресија и отворено прозборе за искуството.
Кајли Џенер и Тревис Скот го добија второто дете на почетокот од февруари годинава, но поради трагедијата на концертот на раперот, и двајцата се држеа понастрана од јавност и не споделуваа многу детали.
Сепак, Кајли реши да го прекине молкот и најпрво откри дека се справува со постпородилна депресија. Потоа сподели и видео на Јутјуб со инсерти од бременоста, а на самиот крај има аудиоснимка од породувањето.
Набрзо откако го објави видеото, Кајли откри и дека со Тревис се премислиле за името на бебето - Волф (во превод „волк“), па му го промениле.
Околу шест недели по породувањето, Кајли се отвори за постпородилната депресија со видео на Инстаграм Стори.
Младата богаташка истакна дека дури сега почнала да ги разбира мајките во слична положба, како и дека мора почесто да се зборува за тој проблем.
„Сакам само да кажам дека не е лесно – многу е тешко. Ова искуство лично за мене беше малку потешко за разлика од искуството со ќерка ми. Не е лесно ни ментално, ни физички, ни духовно… лудо е.
На интернет гледаме дека други мајки поминуваат низ истото. Може да ни изгледа како на другите луѓе да им е полесно отколку нам и си создаваме притисок. Но ни мене не ми е лесно. Тешко е, и само сакам да го споделам тоа“.
„Во ред е да не бидете во ред. Штом го сфатив тоа, малку се ослободив од притисокот и сега само се потсетувам дека создадов цел човек, прекрасно здраво момче.
Мораме да престанеме да си создаваме притисок веднаш да се вратиме на нозе по породување“.
Во новото видео споделено на Јутјуб има неколку емотивни инсерти од бременоста на Кајли. Најпрво се гледа како Тревис се радува кога дознава дека Кајли е бремена, а има и сцени каде што Сторми, нивната постара ќерка, го прегрнува и бакнува стомакот на мајка ѝ.
Кајли покажа и како изгледала раскошната прослава по повод бременоста, а можеби најмногу внимание на настанот привлекува големиот базен полн со ливчиња од бели цветови.