Скандал во изборот, еден од нив моментално го брани Киев – Што знаеме за украинските претставници на Евровизија?
- Детали
- вторник, 15 март 2022
Украинските претставници на Евровизија 2022 важат за фаворити во евровизиските обложувалници, но сè уште е неизвесно дали воопшто ќе учествуваат на изборот што треба да се одржи во мај во Торино, затоа што еден од нив е во украинската војска и ја брани земјата од руската инвазија. Што знаеме за евровизиските претставници на Украина?
Изборот за претставник за Евровизија 2022, во Украина се одржа во февруари, а беше проследен со скандали.
По ова следеше руската инвазија врз земјата и сè уште е неизвесно дали годинешните претставници воопшто ќе имаат можност да настапат на сцената во Торино.
Проследете неколку интересни факти во продолжение:
На националниот избор за песна на Евровизија што се одржа на 12-ти февруари годинава победничка беше пејачката Алина Паш со песната Shadows of Forgotten Ancestors. Сепак, таа беше дисквалификувана поради тоа што во јавноста излегоа информации дека во 2015-та година нелегално била во посета на Крим, а покажала фалсификуван сертификат за враќање, што не бил издаден од граничните служби.
https://www.instagram.com/p/CZmGrlNsU5D/?utm_source=ig_web_copy_link
Поради посетата на областа во која во 2014-та година Русија ја презема власта во целост, Алина била окарактеризирана како предавничка и „неукраинка“ која имала концерти во Русија и во Крим.
Според правилата на националниот избор ниту еден од учесниците не смее да има концерти, изведби или да учествува на приватни настани во Русија или во областите под руска окупација по 15-ти март 2014-та година.
„Јас сум украинска државјанка. Ги следам украинските закони и се трудам да ги покажам украинските традиции и вредности во светот“ – напиша таа на својот Инстаграм профил.
https://www.instagram.com/p/CY_fkShB3pP/?utm_source=ig_web_copy_link
Откако властите потврдија дека никогаш не ѝ издале таков документ, Алина самата одлучи да се повлече од настапот на Евровизија, по што второпласираните на националниот избор Kalush Orchestra со нивната песна Stefania беа избрани за да одат на Евровизија 2022.
Според евровизиските обложувалници украинските претставници Kalush Orchestra во моментов важат за фаворити и се наоѓаат на прво место пред Италија, Шведска, Обединетото Кралство и Грција.
Kalush Orchestra е рап група формирана во 2019-та година, во која учествуваат Олег Псиук, Ихор Диденчук и МЦ Килимен, а нивната песна „Стефанија“ е мешавина од рап музика со фолк мотиви.
Песната „Стефанија“ е посветена на мајката на Олег и таа самата за првпат имала можност да ја слушне истата за време на националниот избор во февруари. Тие на сцената треба да настапат во првата полуфинална вечер на 10-ти мај.
По руската инвазија, неизвесно е дали трите момчиња воопшто ќе може да учествуваат на Евровизија. Олег Псиук во објава на Инстаграм рече дека еден член од групата во моментов е во војската што го брани Киев.
Олег самиот е вклучен во хуманитарна организација што им помага на луѓето да најдат сместување, лекови и им помага при евакуацијата. Тој на својот Инстаграм профил бараше луѓето повеќе да се вклучат во тоа да се постигне мир во неговата земја и конечно „небото да се затвори“.
Слушнете ја во продолжение песната Stefania на Kalush Orchestra:
Б. С. Б. | Црнобело