„Го почувствував срамот низ моето тело“ – Емили Ратајковски сексуално вознемирувана на сетот на Blurred Lines + први фотки од детето
- Детали
- понеделник, 04 октомври 2021
„Одеднаш почувствував како некој ми ги допира голите гради одзади. Го почувствував срамот низ моето тело“ – изјави Емили Ратајковски за пејачот на Blurred Lines, со чиј спот се прослави. Неколку дена подоцна, моделот објави за првпат фотки од лицето на 6-месечното дете.
Пред околу шест месеци Емили Ратајковски го роди нејзиното прво дете, Силвестер, но сè досега не споделуваше фотографии на кои се гледа неговото лице.
Деновиве 30-годишниот супермодел сподели фотка од Силвестер на Инстаграм Стори, со опис „Ти си ангел“.
Емили и претходно споделуваше фотографии од Силвестер, но секојпат или му го криеше лицето со стикери, или детето беше свртено настрана од камерата.
Емили сподели и уште една фотка, на која Силвестер изгледа преслатко со розов крзнен шешир кој наводно ѝ припаѓа на пријателка на моделот.
Емили се породи во март и тој период изјави дека нема да го открива полот на детето бидејќи со сопругот не сакаат да „му наметнуваат стереотипи за половите“ и сакаат само да си го одреди родот.
Супермоделот се прослави благодарение на спотот за Blurred Lines на Робин Тик и Фарел Вилијамс, но неодамна откри дека на сетот била вознемирувана од Робин.
Според The Sunday Times, во извадок од нејзината книга насловена My Body, која ќе биде пуштена во продажба во ноември, Емили тврди дека Робин ѝ ги допрел градите.
Во спотот има сцени каде што Емили е топлес, но вели дека не се почувствувала гола на сетот сè до вознемирувачкиот настан со пејачот.
Изјавата на Емили ја потврди и режисерката на спотот.
Наводно, инцидентот се случил откако Робин дошол на сетот малку пијан, а Емили била топлес за снимањето:
„Од никаде, го почувствував студенилото од дланките на некој што ми ги допира голите гради одзади. Инстинктивно се потргнав и го здогледав Робин Тик.
Ми се насмевна и направи чекор назад, а неговите очи беа скриени со очила. Ја свртев главата кон темницата на сетот“.
Супермоделот вели дека избегнувала да го погледне во очи.
„Го почувствував срамот низ моето тело. Не изреагирав – барем, не како што требаше“.
Наводно, ниту една од жените на сетот не изреагирала за недоличното однесување на пејачот.
„Без разлика колку жени бевме таму, не бевме во положба да го обвинуваме Робин Тик на сетот на неговиот музички спот. Сепак, ние работевме за него“.
За Sunday Times, режисерката на спотот Дајен Мартел, изјави дека сведочела на настанот.
Според Дајен, таа веднаш му се развикала на Робин и му рекла дека завршиле со снимање, но Емили тврди дека тој ден сепак продолжиле да снимаат.
„Се сеќавам на моментот кога ѝ ги допре градите. По една во секоја рака. Стоеше зад неа“.
Песната од 2013 година беше голем хит, но и се соочи со многу контроверзии. Јавноста сметаше дека песната го возвишува силувањето и вознемирувањето на жените, најмногу поради стиховите „I know you want it“ (Знам дека сакаш).
Поради ова, песната беше забранета во многу ноќни клубови низ САД.
И спотот беше многу критикуван, а дури ни Емили не била воодушевена од него.
„На почетокот воопшто не ми се допаѓаше идејата. Мислам дека изгледам малку изнервирано во видеото. Сега спотот е дел од моето постоење што ме нервира.
Кога некој ќе почне да ми зборува за Blurred Lines, само прашувам - зарем сериозно ќе зборуваме за видео од пред неколку години“, сподели моделот уште во 2015 година.
Досега пејачот се нема огласено во врска со обвиненијата на Емили.
Спирова С. | Црнобело