Џастин Тимберлејк застана во одбрана на Бритни Спирс, по потресното сведоштво дека не ѝ дозволуваат да има деца
- Детали
- четврток, 24 јуни 2021
„Сакам да имам бебе, но легалното старателство не ми дозволува да се откажам од контрацепција“ – рече Бритни во вчерашното сведочење. Во нејзина одбрана застанаа голем број обожаватели, но и поранешното момче Џастин Тимберлејк.
Бритни Спирс вчера (23.06) за првпат се обрати на суд во врска со легалното старателство на татко ѝ, поради што тој имал целосна контрола врз нејзиното богатство од околу 60 милиони долари во последните 13 години. Одлуката за легалното старателство била донесена по нејзиниот јавен испад по разводот со Кевин Федерлајн.
Според правилата, татко ѝ не ѝ дозволувал да троши повеќе од 2.000 долари неделно, контролирал со кого ќе се дружи, па дури и каква боја ќе биде нејзината кујна.
„Сакам легалното старателство да заврши – навистина верувам дека ова е насилство. Сакам да бидам во можност да се омажам за моето момче и да имам бебе, но легалното старателство не ми дозволува.
Имам спирала поради што не можам да имам бебе. Сакам да одам на лекар и да ја извадам, но тие (легалните старатели) не ми дозволуваат. Се чувствувам како некој постојано да врши насилство врз мене и осамена сум“ – рече меѓу другото пејачката во своето обраќање што траеше околу 25 минути.
Вчерашното рочиште беше само во форма на сослушување и не беше доставена петиција, што значи дека сè уште не може да биде донесена одлука за тоа дали татко ѝ ќе го загуби легалното старателство. Судијката најави дека во најскор можен рок ќе биде закажано ново рочиште за Бритни да може да ја достави својата петиција.
Инаку, таа во своето излагање се осврна на повеќе други моменти од својот живот, при што нагласи дека легалното старателство наликува на трговија со бело робје.
„Во Калифорнија единствената слична работа на ова се нарекува трговија со бело робје, при што терате некого да работи против своја волја им ги одземате сите лични работи, кредитните картички, парите, телефонот, пасошот“ – рече таа.
Како што вели, нејзиното семејство воопшто не се грижело за неа кога била ставена на тешки лекови, меѓу кои и на литиум, поради што постојано се чувствувала како пијана. Вели дека ја сместиле во институција против нејзина волја и дека секојдневно по еден час плачела додека разговарала со татко ѝ на телефон, а тој уживал во секој миг додека ја слушал.
„Татко ми и сите што одиграа клучна улога во легалното старателство треба да бидат во затвор. Имаат премногу контрола“ – рече Бритни.
Таа во судот се појави придружувана од нејзиното сегашно момче, фитнес тренерот Сем Ашгари. Инаку, во одбрана на Бритни се собраа и поголем број нејзини обожаватели пред судот во Лос Анџелес, кои со транспаренти побараа пејачката да биде ослободена од легалното старателство.
Во нејзина одбрана застана и нејзиното поранешно момче, Џастин Тимберлејк. Тој напиша кратка порака на Твитер во која ги искажа сопствените ставови за тоа што ѝ се случува на неговата поранешна девојка со која беше во долгогодишна врска.
„По она што го видовме денес сите треба да ја поддржиме Бритни во моментов. Без разлика на нашето минато, добро и лошо и без разлика на тоа пред колку време беше … Она што ѝ се случува не е во ред. Ниту една жена не смее да биде ограничена во носењето одлуки за сопственото тело“ – напиша тој по нејзиното сведочење.
After what we saw today, we should all be supporting Britney at this time.
— Justin Timberlake (@jtimberlake) June 24, 2021
Regardless of our past, good and bad, and no matter how long ago it was… what’s happening to her is just not right.
No woman should ever be restricted from making decisions about her own body.
Инаку Бритни (39) и Џастин (40) беа златната двојка на поп музичката сцена од 1999-тата до 2002-та година. По раскинувањето, Тимберлејк за неговиот втор соло сингл Cry me a river направи видеоспот со модел што премногу наликуваше на неговата поранешна девојка, а сите го толкуваа спотот како негово јавно признание дека таа го изневерила.
Тој во моментов е во брак со Џесика Бил и заедно упатија поддршка за Бритни.
Б. С. Б. | Црнобело