Бритни Спирс со влечки на прошетка со момчето и синот - првпат во јавност, по скандалот со нејзините финансии
- Детали
- петок, 19 март 2021
Од октомври, Бритни Спирс се нема појавено во јавност, а деновиве беше забележена на прошетка со момчето и најстариот син. Пејачката уште води судска битка со татко ѝ, а сега се обидува целосно да го отстрани од нејзиниот живот.
Првпат после неколку месеци, Бритни Спирс беше забележана надвор од нејзиниот дом. 39-годишната пејачка беше фотографирана со нејзиното момче Сем Ашгари и нејзиниот најстар син – Шон Престон Федерлајн.
Моментално пејачката води судска битка со нејзиниот татко кој има контрола над нејзините финансии. Татко ѝ ја има ова моќ многу долго време и може дури да контролира каде ќе оди Бритни и со кого ќе излегува.
Веројатно поради тоа, во последно време пејачката не се појавува никаде.
Последен пат Бритни беше забележана во јавност во октомври, додека беше на одмор на Хаваи со момчето Сем.
На прошетката со Сем и Шон, пејачката носеше бели шорцови, светло зелена блуза и влечки со иста нијанса, а косата ѝ беше собрана во неуредно опавче.
Иако Бритни изгледа добро на новите фотки, повеќето фанови се загрижени за неа и сметаат дека е осамена, најмногу поради објавите на Инстаграм. Пејачката често споделува видеа на кои танцува и селфи фотографии кои премногу наликуваат една на друга, а фановите неретко ја прашуваат во коментари дали ѝ треба помош.
Всушност, повеќето коментари на нејзините објави се од загрижени фанови кои само сакаат потврда дека пејачката е во ред и никој не ѝ ги контролира социјалните мрежи.
Бритни целосно ги игнорира коментарите, а во февруари годинава, откако беше објавен документарецот кој ја раскажува нејзината приказна, движењето FreeBritney, чија цел е Бритни да добие правда, зеде уште поголем замав.
Таткото на Бритни е нејзин легален старател и таа не смее да прави скоро ништо без негова дозвола. Во 2019-та, поради проблеми со здравјето, беше назначен друг, привремен легален старател додека таткото на Бритни да застане на нозе. Сега пејачката се обидува тој никогаш повторно да не ја добие таа моќ.
Нејзиниот адвокат веќе дал предлог привремениот легален старател да стане перманентен, со што татко ѝ целосно ќе се тргне од нејзиниот живот.
Бритни има назначено легален старател бидејќи судот одредил дека има сериозни ментални проблеми и не може да се грижи за себе. Ова се случи после неколкуте инциденти во 2007-ма и 2008-ма, кога Бритни навистина имаше проблеми, најмногу поради енормниот притисок од американските медиуми.
Сепак, оттогаш помина повеќе од една деценија и многу фанови сметаат дека Бритни може да се грижи за себе. Како доказ за ова ги користат бројните настапи на пејачката и фактот дека до неодамна, таа објавуваше нови песни. Пред неколку месеци Бритни изјави дека нема да настапува, сè додека татко ѝ е нејзиниот легален старател и до денес си стои на зборот.
Наводно, BBC подготвува друг документарец, кој повторно ќе се фокусира на движењето FreeBiritney и судската битка на пејачка. За разлика од претходниот документарец на The New York Times, овојпат ќе бидат вклучени и најновите сведочења од судницата.
Спирова С. | Црнобело