„Клеопатра е со македонско потекло“ – Гал Гадот ја брани одлуката да ја игра Клеопатра во интервју за BBC
- Детали
- четврток, 24 декември 2020
Актерката Гал Гадот стана мета на критики поради нејзината одлука да ја игра египетската кралица Клеопатра бидејќи според фановите, таа улога ѝ припаѓа на актерка со темна кожа или арапско потекло. Но, Гадот изјави дека Клеопатра имала светла кожа, поради нејзиното македонско потекло, а дури и барале македонска актерка за улогата.
Гал Гадот ја доби улогата на Клеопатра во филм на режисерот Пети Џенкинс, но веднаш беше критикувана бидејќи фановите имаат различни мислења - некои сметаат дека Клеопатра е лик што треба да го игра жена со африканско потекло, други велат дека треба само да биде со темна боја на кожата, а трети - со арапско потекло.
Од друга страна, некои фанови ја одбранија одлуката на актерката, споделувајќи дека Клеопатра сигурно имала светла кожа поради нејзиното потекло.
Сега, и 35-годишната актерка се огласи во врска со ситуацијата и го одбрани нејзиниот став:
„Најпрво, ако сакате да ги следите фактите, Клеопатра била Македонка. Баравме македонска актерка која може да ја глуми Клеопатра, но не најдовме“, изјави актерката во интервју за BBC.
„Имам пријатели од целиот свет, без разлика дали се муслимани, христијани, католици, атеисти или будисти, или евреи… луѓето се луѓе. Јас сакам да го славам наследството на Клеопатра и да ѝ дадам почит на оваа неверојатна историска икона што многу ја сакам“.
Изјавата за потеклото на Клеопатра е на 1:45 минута од видеото.
Според BBC, Клеопатра била родена во Александрија и била последен владетел од династијата основана од генералот на Александар Велики Македонски – Птоломеј. Неговите наследници владееле со Египет 300 години. Бидејќи идентитетот на мајката на Клеопатра е мистерија, се верува дека таа има мешано потекло.
Според египтологот Ели Ен Ештон, која направила реконструкција на лицето на Клеопатра:
„Веројатно не била само Европејка. Не треба да заборавиме дека нејзиното семејство живеело во Египет 300 години пред таа да дојде на власт“.
Од BBC споделуваат и изјава на Кетрин Бард, професор по археологија и класични студии на Универзитетот во Бостон:
„Клеопатра била со бела кожа – со македонско потекло, како сите владетели од Птоломејската династија кои живееле во Египет“.
Ликот на познатата египетска кралица го играле многу актерки со светла кожа, а можеби најпозната досега е улогата на Елизабет Тејлор во 1963-та.
Спирова С. | Црнобело