Рита Ора плати 10.000 фунти казна за забава во карантин - не ѝ отворале на полицијата, гостите влегувале од задната врата (фото)
- Детали
- вторник, 01 декември 2020
Рита Ора е уште една славна личнот која ги прекрши мерките за роденденска забава. По повод 30-иот роденден, пејачката направила забава во ресторан со 30 гости кои влегувале од задната врата, а кога се појавила полицијата, никој не ѝ отворил.
По повод 30-иот роденден, Рита Ора ги прекрши сите мерки за заштита од корона и си организираше роденденска забава во ресторан во Англија.
На забавата, на која интервенирала и полицијата, присуствувале и многу други ѕвезди, како супермоделот Кара Делевињ. Дел од јавноста е разочарана од постапката на Рита, без разлика што пејачката се извини за нејзината немарност.
Според фотографиите од папараците, Кара Делевињ, но и другите ѕвезди, влегувале во ресторанот од задната врата и некои биле без маски. Наводно, Рита поканила 30 пријатели на забавата кои останале до утринските часови.
Вечерта кога почнала забавата, полицијата се обидела да го провери локалот, но никој не им отворал. Полицајците тропале на вратата и на прозорците, но не добиле одговор.
После неколку часови забавата завршила и Рита и нејзините гости почнале да излегуваат од ресторанот еден по еден, повторно од задната врата.
После настанот, пејачката се извини на нејзиниот Instagram профил:
„Здраво на сите, организирав мал собир со неколку пријатели за да го прославам 30-иот роденден. Одлуката ја донесов во тој момент бидејќи грешно претпоставив дека е во ред.
Длабоко се извинувам што ги прекршив правилата и разбирам дека со ова го ризикував животот на другите луѓе. Ова беше грешна процена. Кога ќе се земат предвид рестрикциите, сега сфаќам колку сум била немарна и ја прифаќам целата одговорност.
Се чувствувам засрамено бидејќи знам колку напорно работат луѓето за да се справат со оваа ужасна болест и сум потполно свесна за жртвите што го направија луѓето и сите бизниси за да бидеме безбедни. Иако со ова нема да ја поправам грешката, сакам искрено да се извинам“.
Според извор близок до пејачката, Рита самата се понудила да плати казна, која најверојатно ќе требало да ја плаќа сопственикот на ресторанот:
„Рита знае дека постапи погрешно и поради тоа одлучи таа да ја плати казната од 10.000 фунти“.
Изворите за светските медиуми тврдат дека Рита ја планирала забавата и сигурно не било одлука во последен момент.
„Рита и сестра ѝ пристигнаа први, дотерани и очигледно сметаа дека ќе си поминат добро. Имаше многу гости, сите гламурозно облечени и сите влегуваа од задната врата. На главниот влез имаше обезбедување за никој друг да не влезе внатре. Забавата траеше од утринските часови“.
Моментално во Англија рестораните не смеат да работат, освен за доставување храна. Истовремено, луѓето не смеат да се собираат во затворени простории во група поголема од шестмина. Рита успеала да ги прекрши и двете правила.
Во меѓувреме се огласил и сопственикот на ресторанот, кој тврди дека не знаел ништо за настанот.
Однесувањето на Рита е уште почудно бидејќи нејзината мајка, која е психијатар, скоро цела година е во првите редови во битката против вирусот.
Пејачката е родена на 26-ти ноември, а минатата недела сподели неколку фотографии од домашната прослава, на кои не се гледаа други гости.
https://www.instagram.com/p/CIGEQk0DT0x/
Спирова С. | Црнобело