5 познати дами кои се изборија со ракот
- Детали
- недела, 27 септември 2020
Кајли Миног: „Кога докторите ми ја кажаа дијагнозата останав без зборови, но сфатив дека животот не ми сопира. Јас сум силна и јас можам сѐ“.
Ракот е ужасна болест со која се имаат соочено и некои познати дами.
Оваа болест ја става на тест вашата истрајност, психа и одлучност и пред сѐ мора сами да одлучите да истраете и да си помогнете, пред да може да ви помогне кој било друг.
Процесот на лечење е тежок и макотрпен, но овие познати дами се доказ дека сѐ е можно и дека лошите епизоди можете да ги оставите зад вас.
Славни дами што се изборија со оваа болест:
Кајли Миног
Кајли Миног во пролетта 2005 година ја прекина нејзината турнеја поради рак на града. Фановите на Кајли не ги вратија билетите во знак на поддршка кога слушнаа за ужасната вест.
„Кога докторите ми ја кажаа дијагнозата останав без зборови, но сфатив дека животот не ми сопира. Јас сум силна и јас можам сѐ“, напиша Кајли во нејзината автобиографија. Таа година Кајли имаше операција за отстранување на малигниот тумор, хемотерапија и радиотерапија и тежеше само 38 килограми. По успешниот третман, го промени начинот на исхрана, а во 2006 година ја продолжи турнејата.
Таа отвори организација за помош на заболените од рак и постојано ги потсетува жените да прават редовни прегледи со ехо и мамографија. Овој позитивен тренд доби дури и име „Кајли ефект“.
Синтија Никсон
Синтија Никсон долго време ја криеше својата дијагноза. Во 2008 година во едно шоу призна дека пред две години на редовен преглед на доктор дознала дека има малигна формација на десната града.
Болеста ѝ се пренела генетски од нејзината мајка и баба. Таа направила операција и имала 6 седмици зрачна терапија. Поради тоа што болеста ѝ била дијагностицирана многу навремено, Синтија брзо им се вратила на обврските.
Шерон Озборн
Шерон во 2012 година дознала дека носи гени одговорни за рак на дојка, па без размислување ги отстрани двете гради и си стави силикони.
Но, во 2002 година нејзиното искуство било поболно. Таа имала рак на дебело црево со метастази на лимфните јазли и докторите ѝ давале многу лоши прогнози, односно само 40% шанса за закрепнување.
Шерон одлучила да се бори притоа не оставајќи ја работата, односно одела на хемотерапија, а паралелно го снимала ријалити шоуто „The Osbourne Family“. Изјави и дека болеста е најдоброто нешто што ѝ се случило затоа што ѝ го променила животот на позитивен начин.
Шерил Кол
Во 2006 година на Шерил Кол ѝ беше дијагностициран рак на левата града. Кратко пред тоа таа ја раскина врската со своето долгогодишно момче, па минуваше низ две трагедии едновремено.
Имаше радиотерапија, но болеста ѝ се врати. Ова беше точка во која Шерил одлучи да си го промени животот комплетно. Во 2007 година посвои мало момче, а 3 години подоцна посвои уште едно.
„Кога мојот третман заврши, чувствував огромна љубов од фановите. Сега се критикувам помалку, се чувствувам силна и здрава. Дури и да не работам повторно, дури и да не пишувам песни, знам дека сум на вистинското место“, изјави тогаш таа.
Во 2012 година пејачката им се пожалила на докторите дека се онесвестува и ѝ бил откриен тумор на мозокот, но за среќа тој бил бениген.
Анастејжа
Во 2003 година пејачката одлучила да ги намали градите и при редовните тестови, меѓу кои и мамографија, пластичните хирурзи ѝ откриле рак на града. Таа имаше хемотерапија, изгуби килограми, но го изгуби и гласот во тој период.
Десет години подоцна болеста и се врати и Анастејжа мораше да ја откаже својата светска турнеја. Овојпат се одлучи на масектомија, односно комплетно отстранување на градата за да ја намали веројатноста болеста да ѝ се врати повторно.
„По ракот станав посилна, поинспирирана, па дури и поубава и поженствена“, изјави таа.
С. С. | Црнобело