Од детски идоли до тешки зависници: Дизни ѕвезди на кои славата им го уништи животот
- Детали
- недела, 29 јули 2018
Светот го погоди веста за наводното предозирање со хероин на Деми Ловато. Но, американската изведувачка не е единствената дизниева ѕвезда што тешко го поднесе товарот на славата. Како и зошто пропаднаа тинејџерските идоли?
„Една фаза ми траеше по два месеци, кога секојдневно бев дрогирана и пијана. Тогаш не беше лесно да се работи со мене.“, гласи изјава на Деми Ловато за медиумите.
Со неполни 26 години, пејачката многупати досега беше на рехабилитација. Во повеќе наврати и отворено говореше за менталното здравје и својата борба со зависноста.
И не е првата. Таа е уште една во низата млади ѕвезди, коишто потпаднаа под влијание на алкохолот и дрогата, не можејќи да го поднесат товарот на славата, бидејќи го носат на нивни плеќи од раното детство.
Јасно е дека шоу бизнисот е стресен и секако не е за деца. Филмската и музичката индустрија се тешки и за емоционално зрелите личности, ама кон тинејџерите се посебно остри – исто како и растењето пред целиот свет.
Во една од песните, Ловато го испеа стихот: „Навистина сакав да бидам пример, но јас сум само човек.“.
Ова доволно говори за нејзиното, како и психичкото здравје на мноштво други идоли на публиката. Светот бара нестабилните тинејџери да бидат совршени, а истовремено сака да ги уништи по секоја цена. Ничии грешки не се простуваат.
Повеќе нејзини колеги и колешки, кои исто така ја започнаа кариерата од мали нозе, глумејќи во разни проекти на Дизни, се најдоа во слична ситуација како и Деми.
Од детски идоли станаа тешки зависници. Ова се дизниевите ѕвезди на кои славата им го уништи животот:
Линдзи Лохан (32)
Никој не претпоставуваше дека слаткото пегаво девојче кое ги освои сите во „The Parent Trap", подоцна ќе се претвори во една од најпроблематичните жени на јавната сцена. На дванаесет години потпиша ексклузивен договор со Дизни и сними повеќе филмови во нивна продукција. Беше и најголемата ѕвезда на детскиот канал.
Глумејќи во тинејџерски комедии како „Freaky Friday“ и „Mean Girls", Лохан им стана миленичка на врсниците, сѐ дури не започна ерата на „проблематичната Линдзи“.
Од 2006 година беше шестпати на рехабилитација, како поради злоупотреба на дрога, така и заради агресивноста. Ѕвездата ја апсеа за возење во пијана состојба и под дејство на опијати, поседување кокаин, кражби...
Пред неколку години се смири и дистанцираше од Холивуд. Глумеше во независни филмови, работеше на мјузикли и снимаше музика, пред да одлучи да се пресели во Дубаи.
Денеска е првенствено посветена на бизнисот. Линдзи Лохан е сопственичка на ланец барови и ноќни клубови во Грција, каде редовно ги поминува летата.
Остатокот од времето е во Дубаи. Го одбрала градот поради ригорозните закони за неовластено фотографирање и следење од папараците.
Вели дека таму се чувствува сигурно и без притисок од медиумите.
Бритни Спирс (36)
Малкумина се сеќаваат дека и поп принцезата е некогашна дизниева ѕвезда. Нејзините музички почетоци беа како единаесетгодишна учесничка во телевизиското шоу „Micky Mouse Club“, каде се појавија и Џастин Тимберлејк, Кристина Агилера и Рајан Гослинг.
Глобално позната стана со албумите „...Baby One More Time “ и „Oops!... I Did It Again“, негувајќи имиџ на мила и невина девојка. Турбулентниот период во животот на Бритни Спирс започна по бракот со Кевин Федерлајн.
Заедно добија две деца, а младата мајка стана (не)препознатлива со недоличното однесување во јавноста.
Од излегувањето без долна облека, па до бесното возење автомобил со синот во скутот, скандалите ги полнеа страниците на жолтиот печат. По разводот од сопругот, пејачката се пријави во центар за рехабилитација во 2007 година.
Не остана ни едно деноноќие, а веќе наредната вечер си ја избричи главата со машинка, доживувајќи нервен слом пред објективот на папараците во Лос Анџелес.
Истата година го загуби старателството над децата и двапати беше сместена во психијатриска болница. Полицијата ја затекна под дејство на непознати супстанци, а според менаџерот на ѕвездата, Спирс била зависна од анфетамини и дрогирана спиела на паркинзи.
Иако поради злоупотребата на наркотици и менталните болести преживеа вистински пекол, таа некако успеа да застане на нозе, па се чини дека лошите времиња конечно ги остави зад себе.