„Ти никогаш нема да бидеш ѕвезда!“: Кои славни дами ја слушнале оваа реченица?
- Детали
- недела, 13 мај 2018
Тешко е да се поверува, но за одредени менаџери и продуценти, непогодни биле дел од најголемите холивудски имиња на денешницата. На почетоците од кариерата, ним им било кажано дека се предебели, прегрди и преобични за да постигнат некаков успех. Поточно – не биле доволно „добри“ за светот на шоу бизнисот.
Тие сега не само што се популарни, туку и секоја од нив има признание за сопствените достигнувања. Па, слободно може да се каже дека им ги затворија устите на скептиците, од кои добиле срамотни коментари, првенствено на сметка на нивниот физички изглед.
Зошто? Бидејќи не дозволиле бескрупулозните критики да ги скршат, ниту да ги поколебаат во намерата да си го остварат сонот. Со упорност и цврста волја – тие во моментов се успешни и остварени жени во својата професија. И, секоја чест поради тоа.
Ова се славните дами кои слушнале дека „никогаш нема да бидат ѕвезди“:
Криси Тајген
Доколку го послушала својот прв работодавач, таа никогаш немаше да биде она што е денес: баран модел и продаван автор на книги. Имено, кога дошла на снимањето за модната куќа Forever 21, на Криси Тајген ѝ било кажано дека е предебела, по што ја вратиле дома.
Оттогаш, популарната сопруга на Џон Леџенд му го заврте грбот на споменатиот бренд, а успешно промовира други. Кој е сега поголем губитник?
Рис Витерспун
Холивуд не ја дочекал со отворени раце ниту прекрасната Рис Витерспун. Во едно интервју, русокосата актерка има изјавено: „Кога првпат дојдов во Лос Анџелес, сѐ што слушав беше: Не, не е добро – не си доволно висока, не си доволно убава, не си доволно паметна.“
Меѓутоа, Витерспун сепак успеала да ги разубеди продуцентите. Планетарно позната стана со филмот „Legally Blonde“.
Кеша
Кога е пејачката Кеша во прашање, неа толку силно ја погодувале критиките од менаџерите, што истите негативно се одразиле и на нејзиното здравје. По „добронамерниот “ совет - дека мора да ослаби ако некогаш сака да биде ѕвезда – таа почнала со драстични диети.
Ѕвездата имаше големи проблеми со исхраната, а ни денес не е потполно опоравена. Кариерата ја чинеше скапо, но таа е борец и верува дека на крајот сепак ќе победи.
Леа Мишел
На американската пејачка и глумица ѝ било особено тешко. Кога имала само 13 години, менаџерот ја посоветувал Леа Мишел да направи пластична операција на носот. Во спротивно – никогаш нема да успее во Холивуд – бидејќи нема убаво лице за на телевизија.
Таква препорака на оваа возраст се граничи со лудило. Но, за среќа, ѕвездата на серијата „Glee“ не го послушала, а сеедно достигна светска слава. Важи за една од познатите дами кои ги прославија нивните мани, па сега токму „недостатокот“ ѝ е заштитен знак.
Сара Џесика Паркер
Сара Џесика Паркер се прослави со улогата на Кери Бредшо во серијата „Sex and the City “. Сега е позната стилска икона во Холивуд. Сепак, ни таа не била поштедена од критики за физичкиот изглед во минатото, а ја следат и ден-денес.
Во 2008 година, американско списание ја прогласи за „најнесексипилна жена во светот“. За среќа, глумицата не дозволува да биде категоризирана на овој начин, ниту пак ја допира премногу она што другите го говорат за неа. И баш поради тоа ја обожаваат фановите.
Винона Рајдер
Неверојатно е, но вистинито. На почетокот од актерската кариера, Винона Рајдер добила совет да си побара друга работа. Ѝ кажале дека не е доволно убава за да настапува пред публика.
Останатото е историја – со среќен крај. Глумицата не се откажа од својот сон, туку се наметна како важно име во кинематографската индустрија. А, нејзината филмска биографија не е ни приближно завршена.
Кет Денингс
Таа глуми цврста и самосвесна жена во серијата „2 Broke Girls “. Меѓутоа, во вистинскиот живот морала да голтне многу кнедли, најмногу поради тешките зборови упатени за нејзиниот изглед.
Пред да се пробие како глумица, на Кет Денингс ѝ рекле дека ќе успее во Холивуд, единствено ако ослаби, ги исправи забите и го потемни тенот. Со други зборови – да го промени личниот опис.
За некое „чудо“, таа постигна успех и без наведените совети. А, многубројните обожаватели ја сакаат баш таква каква што е.
Мерил Стрип
Дури ни иконата на филмот, Мерил Стрип, немала лесен почеток на кариерата. На кастингот за филмот „King Kong“ во 1976 година, режисерот ја нарекол оскаровката со погрдно име.
Надевајќи се дека нема го разбере, тој се обратил на италијански јазик со зборовите: „Зошто ми ја доведовте оваа грдосија?“. Да, баш така било. А, знаете ли што направила Мерил?
Му одговорила на совршен италијански јазик: „Жалам што не сум доволно убава!“. Браво.
М. А. | Црнобело