Концерт Били Ајдол: Скопје „гореше“ од добра музика (фото + видео)
- Детали
- сабота, 28 јуни 2014
Вчера Скопското Кале беше сведок на моќен музички огномет. Концертот на Били Ајдол како дел од традиционалниот настан „Скопје Гори“ буквално го „запали“ Скопје со добра музика, вистински рокенрол, квалитетен звук и шоу на светско ниво, кое одамна му недостигаше на градот.
Целиот настан се одвиваше на професионално ниво, без доцнење и со одлична организација на Авалон продукција.
Верните фанови кои сакаа да бидат во првите редови пред својот идол чекаа уште пред 19 часот, за кога беше закажано отворањето на вратите.
Додека полека се полнеше местото, точно во 20 часот на сцената се претстави бендот The Protagonist, како еден свеж, електро, прогресивен рок состав, изведувајќи песни од нивниот прв албум. Бенд кој ветува и кој вреди да се пробие и на светската алтернативна сцена.
Во 21 часот, публиката веќе ги очекуваше членовите на новата супер рок група „Темпера“, исто така дел од Авалон продукција. Неодамна како нивен прв сингл го имавме слушнато „Пластични кули“, кој стана вистински хит на радиостаниците.
На големо воодушевување и со многу позитивни овации беа поздравени сите членови од веќе познати легендарни бендови.
Додека ги изведуваа песните од нивното првенче „Играј“, звучеа и изгледаа толку светски, што во истиот миг може да почувствувате дека сте на главниот настан, а не на предгрупа. Бенд со кој сигурно ќе се гордееме.
По „Темпера“ кои веќе ја загреаја публиката, во 22 часот легендарниот панк-рокер Били Ајдол со самото појавување буквално ја запали и сцената и публиката.
Го отвори концертот со звуците на „Postcards“, па следуваа хитовите како „Cradle of love“, „Flesh for fantasy“, „Dancing with myself“, „Eyes without a face“, „Mony mony“, „Ready steady go“ и акустичната изведба на преубавата „Sweet sixteen“.
Со него сцената ја делеше и легендарниот гитарист Стив Стивенс кој со својата гитарска маестралност ја натера публиката да му се поклонува и да се воодушевува на секоја нота, секое мини соло и да ужива во секој звук со сите сетила.
На задоволство на женската публика Били неколку пати се соблекуваше и пресоблекуваше, па дури и стиховите од хитот L.A. Woman ги пееше како Macedonian woman.
Имаше само пофални зборови за Скопје, Македонија и македонската публика, која секогаш знае добро да го пречека како ѕвезда на која се радуваат и се воодушевуваат.
Кон крајот, после речиси двочасовно разменување на најпозитивна енергија, најглемиот музички огномет се случи на најголемите хитови „Rebel Yell“ и „White wedding“ на кои публиката пееше во еден глас.
Не заборави ниту да се погрижи за најверните фанови од првите редови да им подари, палки од тапаните, перца од гитарите, пластични „фризби“ чинии со негов автограм и сет-листи со изведуваните песни.
Били Ајдол уште еднаш покажа зошто е светска ѕвезда и како треба да изгледа фантастичен концерт кој уште долго ќе се памети и ќе се споменува.
Одржа музичка лекција, го „запали“ градот со моќни звуци и ги израдува сите присутни кои одамна чекаа ваков настан.
Ова е дел од најжешката атмосфера:
Погледнете ги фотографиите од спектакуларниот концерт:
Фото и видео: Влатко Петревски