Премиера на „Класата `92“ од Манчестер Јунајтед
- Детали
- понеделник, 02 декември 2013
Премиерата на долгоочекуваниот документарен филм за легендарната генерација фудбалери на англискиот тим Манчестер Јунајтед се случи вчера, во Лондон.
На премиерата се појавија главните ликови на кои е посветен овој филм, фудбалските легенди Дејвид Бекам, Пол Сколс, Рајан Гигс, Ники Бат, Гери Невил и Фил Невил.
Покрај нив на црвениот тепих се појавија и Викторија Бекам со синовите Бруклин, Ромео и Круз, Хери Стајлс и Лиам од One Direction, како и многу други фудбалски легенди, спортски експерти и поддржувачи на оваа генерација фудбалери кои оставија значаен впечаток во англиската премиер лига.
Овој филм го опфаќа периодот од 1992 година кога во тимот се собраа токму овие шест момчиња и тргнаа во незапирлив поход кој денес ги направи вистински легенди, па сè до 1999 година кога го достигнаа својот најголем триумф во Барселона и ја освоија тројната круна.
Покрај фудбалските достигнувања, победи, голови и блескави моменти, во документарецот се забележани и клучните пресврти, културни, социјални и политички случувања во Велика Британија.
Она што е значајно е дека покрај овие шест легенди кои ги раскажуваат своите приказни, во филмот се прикажуваат и интервјуа со легенди како Ерик Кантона, Зинедин Зидан и други.
Зачудувачки е што во филмот не се појавува таткото на Манчестер Јунајтед, Сер Алекс Фергусон, но според објаснувањето на еден од директорите на филмот, Гејб Тарнер, сакале да го избегнат неговото влијание со оглед на тоа што секогаш се слуша неговиот збор и важи за најголем императив, овојпат сакале целосното значење да им го дадат на фудбалските ѕвезди.
Овој филм навистина покажува како растат и се развиваат 6 легенди кои пишуваат историја, оставаат белег и покажуваат што значи вистински тим, вистинска преданост, тимска игра, борбеност, верба и успех каков што секој тим би посакувал. Шест легенди кои прават историски тим, класа `92!
Вреди да се погледне.
Погледнете ја галеријата од црвениот тепих на премиерата и дел од сцените во филмот