Последни фотографии од Шенон Доерти пред трагичната смрт – Колегите од Beverly Hills и Charmed се простуваат од актерката
- Детали
- понеделник, 15 јули 2024
Последен пат Шенон Доерти беше забележана во јавност пред неполн месец, а кратко пред смртта изјави дека се плаши од помислата повторно да оди на хемотерапија. Таа ја изгуби битката со ракот на дојка, а фановите и колегите го искажуваат своето сочувство на социјалните мрежи.
Актерката Шенон Доерти почина на само 53-годишна возраст, по долго боледување од рак.
Шенон првпат беше дијагностицирана со рак на дојка во 2015-та, а во 2017-та откри дека ракот е во ремисија.
За жал, во 2020 година соопшти дека ракот повторно се вратил, и тоа во четврти стадиум, а потоа и дека се проширил на мозокот и коските.
Ѕвездата од Beverly Hills и Charmed последен пат беше забележана во јавност неполн месец пред трагичната смрт.
Во лежерно издание, Шенон беше во друштво на нејзиниот пријател Крис Кортазо, а на фотките тој ја прегрнува.
А, пред само недела-две, Шенон, која отворено зборуваше за битката со ракот, изјави дека се плаши од помислата повторно да оди на хемотерапија.
„Треба повторно да одам на хемотерапија и навистина ми е тешко. Помислата дека повторно треба да минувам низ сето тоа ме уништува.
Да, знам дека имам рак во четврти стадиум и знам дека состојбата ми е сериозна, но кога одам во болница, целата ситуација ми станува премногу реална“, изјави таа во нејзиниот подкаст.
Во истата епизода од подкастот, Шерон изјави дека изминатата година била особено тешка за неа.
Покрај битката со болеста, таа минуваше низ развод, а бидејќи не беше во состојба да работи, откри и дека значително ѝ се намалуваат приходите.
Актерката стравуваше и дека ќе нема доволно пари за да продолжи со лекување.
Колегите на Шенон од Beverly Hills и Charmed веднаш го изразија нивното сочувство за нејзината смрт.
Алиса Милано, со која Шенон беше во конфликт, се огласи меѓу првите.
„Не е тајна дека јас и Шенон имавме комплицирана врска, но таа беше личност која многу ја почитував и ѝ се восхитував.
Таа беше талентирана актерка која многумина ја сакаа и светот е празен без неа. Моето сочувство до сите кои ја сакаа“.
И Роуз Мекгован, која дојде како замена за Шенон во Charmed, го изрази своето сочувство:
„Шенон Доерти имаше лавовско срце. Беше полна со страст. Ја запознав во 1990-тите и бев восхитена.
Тоа што ја знаев и подоцна во животот беше прекрасен дар. Оваа жена се бореше да живее. Шенон знаеше како да биде ѕвезда бидејќи беше ѕвезда од детството…
Нејзината љубов за режијата, глумата, пријателите, родителите, кучето и нејзините фанови, беше легендарна. Нашите животи се вкрстија на уникатен начин“.
Се огласи и Џејсон Присли, колегата од Beverly Hills кој го глумеше братот на актерката во серијата:
„Шокиран и тажен сум за смртта на мојата пријателка Шенон. Ќе ми недостасува.
Испраќам љубов до нејзиното семејство во овој мрачен период“.
Колешката Џени Гарт изјави дека уште не може да се помири со нејзината смрт:
„Шенон е жена која често ја опишував како најсилната личност што ја познавам. Нашиот однос беше вистински и искрен.
Таа беше храбра, полна со страст, посветена и многу дарежлива. Ќе ми недостасува… Ми се крши срцето за нејзиното семејство“.
Се огласи и Брајан Остин Грин, кој исто така глумеше во Beverly Hills:
„Шен. Мојата сестра… Ме сакаше секогаш. Беше голем дел од моето разбирање за љубовта.
Ќе ми недостасуваш повеќе отколку што можам да замислам. Ти благодарам што беше ти“.
И останатите колеги ги истакнуваат добрината и силата на Шенон и велат дека се благодарни што била дел од нивниот живот.
Спирова С. | Црнобело