„Не прифаќаше ‘НЕ’ за одговор“ – Четири жени го обвинуваат Расел Бренд, бившиот на Кети Пери, за силување
- Детали
- понеделник, 18 септември 2023
Имале секс еднаш, а потоа кога не сакале тоа да се случи повторно, актерот ги присилувал. Отприлика вака гласат обвиненијата со коишто се соочува актерот Расел Бренд. Вкупно 4 жени тврдат дека биле жртви на силување и сексуално малтретирање од него, а една девојка тврди дека тоа се случувало кога таа имала само 16 години. Неговата сегашна сопруга, втора по ред, по Кети Пери, вели дека тоа „било во минатото“.
Поранешниот сопруг на Кети Пери (38), Расел Бренд (48) во моментов се соочува со обвиненија за сексуални напади од страна на 4 жени, кои тврдат дека тој ги злоупотребил во периодот од 2006-та година до 2013-та година, во периодот додека беше на врвот на својата кариера.
Обвиненијата на жените кон Расел Бренд:
Алис
Жената која се јавува под псевдонимот „Алис“ тврди дека Расел Бренд ја нападнал во периодот кога тој имал 31, а таа 16 години и сѐ уште одела во училиште.
Таа тврди дека актерот за првпат ѝ пришол на улица во Лондон, додека таа била излезена во шопинг.
Нивната врска траела околу три месеци, а актерот, во тој период, емотивно и сексуално ја злоупотребувал.
Таа тврди дека ја нарекувал „бебе“ за време на целата врска, а во една пригода ја присилил на орален секс, по што таа се обидела да го оттурне, а на крај морала да го удри во стомакот за тој да престане.
Надја
Станува збор за жена бизнисмен која тврди дека била во 30-тите години кога актерот ја силувал без кондом на ѕид во неговиот дом во Лос Анџелес во 2012-та година.
Неколку дена претходно тие двајца се запознале на забава каде размениле телефонски броеви, по што тој ја поканил во неговиот дом и имале секс.
Бренд повторно ја поканил да дојде во неговиот дом неколку дена подоцна, но тогаш не сакал да прифати дека таа не сака да има секс, а тој не сакал да ја слушне.
Таа, по инцидентот била во центар за жртви на силување и има медицински докази за настанот.
Според нејзината изјава, таа тврди дека му рекла на Бренд дека се чувствува искористена и дека ако жената каже „не“, тој треба тоа да го прифати, на што тој одговорил дека му е „многу жал“.
Таа вели дека по настанот му напишала и писмо, кое во тоа време било наменето само за нејзините терапии со психологот, но сепак неодамна одлучи негови делови да бидат објавени во јавност.
„Дали знаеш низ што поминав заради тебе? Низ што помина моето тело заради тебе? Моите емоции и тело се во хаос... На 1-ви јули ми нанесе неверојатни трауми.
Мислев дека во секоја ситуација ќе бидам доволно силна да се изборам со секого. Но кога станува збор за некој што го познаваш, не очекуваш да се најдеш во таква ситуација. Комплетно ме уништи“ – напишала таа.
Фиби
Третата жртва тврди дека била сексуално нападната од актерот додека тие двајца работеле заедно во Лос Анџелес и дека тој ѝ се заканувал дека ќе ја тужи ако некому каже што всушност се случило.
Тие двајца се запознале за време на средбите со групите за поддршка на лицата што се борат со алкохолизам и започнале врска. Но, во еден миг кога врската била завршена, таа се нашла „заглавена“ во неговата куќа, кога сите други вработени на проектот си заминале, а актерот се обидел да ја присили на секс, додека таа го молела да престане.
Џордан Мартин
Во 2014-та година поранешната девојка на Бренд напиша книга во која го опиша актерот под името Рендал Гранд. Во книгата таа опиша како била сексуално нападната од Бренд и како тој емотивно и сексуално ја злоупотребувал за време на врската во периодот во 2007-ма година.
Таа тврди дека сѐ уште стои цврсто на сопствените изјави од тој период.