„Не ме тераше да имаме секс кога имав 14 години“: Присила Присли се отвори за контроверзната врска со Елвис
- Детали
- вторник, 05 септември 2023
„Никогаш немав секс со него (на 14 години). Тој беше многу добар, многу нежен, многу грижлив и го почитуваше фактот дека имам само 14 години. Повеќе се поврзувавме умствено, тоа беше нашата врска“, вели Присила, некогашната сопруга на Елвис Присли за нивната контроверзна врска. На почетокот, Присила имаше само 14, а Елвис – 24 години.
Познатата режисерка Софија Копола сними биографски филм за животот на Присила Присли – некогашната сопруга на музичката ѕвезда Елвис Присли.
Филмот ќе се фокусира на врската на Присила и Елвис која до денес важи за една од најконтроверзните во светот на шоу-бизнисот.
За потсетување, тие ја почнаа врската кога Присила имаше само 14 години, а Елвис – 24.
Во склоп на Филмскиот фестивал во Венеција се одржа прес-конференција за филмот на која присуствуваше и Присила.
И, можеби за првпат прозборе за возрасната разлика помеѓу неа и Елвис.
Најпрво, Присила го искажа мислењето за филмот кој ќе почне да се емитува во октомври годинава:
„Тешко е да седиш и да гледаш филм за тебе, за твојот живот, за твојата љубов. Софија Копола заврши одлична работа. Добро истражи сè, зборувавме неколкупати и ја навистина ѝ дадов сè што можев“.
Во филмот ќе биде прикажана и првата средба на Присила и Елвис, кога таа била само тинејџерка.
Па, на прес-конференцијата ѝ беше поставено прашање за возрасната разлика и нивниот однос.
Додека многумина сметаат дека е ужасно што Елвис ја контролирал Присила од толку рана возраст, на прес-конференцијата таа го тврди токму спротивното.
Истовремено, вели и дека тогаш немале секс и дека пејачот не ја присилувал на ништо.
„На моите родители им беше тешко да разберат зошто Елвис беше толку заинтересиран за мене. Мислам дека го интересирав бидејќи бев добар слушател. Елвис ми се отвораше на секој можен начин – неговите стравови, неговите надежи, смртта на мајка му – нешто што никогаш не го преболе.
И, јас бев личноста која навистина, навистина го слушаше и му даваше утеха.
Тоа беше нашата конекција. Иако имав 14 години, бев како постара личност поради животното искуство. Тоа беше привлечноста помеѓу нас.
Луѓето честопати мислеа дека сме заедно за секс. Но, тоа не е точно. Никогаш немав секс со него (на 14 години). Тој беше многу добар, многу нежен, многу грижлив и го почитуваше фактот дека имам само 14 години.
Повеќе се поврзувавме умствено, тоа беше нашата врска.
Не знам зошто ми веруваше толку многу. И, не кажував никому дека се гледавме, а тоа беше уште едно нешто што му се допаѓаше. Не им кажував на пријателите на училиште. Изградивме врска која траеше додека јас не си заминав.
И не си заминав бидејќи не го сакав – тој беше љубовта на мојот живот. Она што ми беше тешко беше животниот стил и мислам дека секоја жена може да го сфати тоа.
Но, ова не го наруши нашиот однос, останавме многу блиски.
И секако, имавме ќерка и се трудев тој постојано да ја гледа. Беше како никогаш да не сме се разделиле“.
Иако сега Присила вели дека Елвис ѝ покажувал разбирање, тој самиот му признал на негов пријател дека му се допаѓа што е доволно млада за да може да ја „тренира“ и да ја претвори во совршена сопруга.
И самата Присила има изјавено дека честопати ѝ кажувал како треба да изгледа и како треба да се однесува идеалната сопруга.
Парот се венча во 1967-ма, кога Присила имаше 21 година.
Но, притисокот од славата на Елвис, заедно со нејзината желба за поголема контрола над својот живот, резултираше со развод по околу шест години брак.
Елвис и Присила добија и ќерка – Лиса Мари Присли – која почина во јануари 2023-та.
Спирова С. | Црнобело