Мадона (64) била најдена без свест и итно пренесена во болница: „Мислевме дека ќе умре, славата ѝ е поважна од здравјето“
- Детали
- четврток, 29 јуни 2023
Изминативе неколку дена Мадона ги поминала на интензивна нега во болница, откако била најдена без свест во нејзиниот дом. Семејството ја криело веста бидејќи било неизвесно дали пејачката воопшто ќе преживее. Според нејзиниот менаџер, Мадона има сериозна бактериска инфекција и уште заздравува, но сега е во стабилна состојба.
Во саботата (24.06) Мадона била пронајдена без свест во нејзиниот дом во Њујорк, по што итно била пренесена во болница. 64-годишната пејачка била во толку лоша здравствена состојба, што нејзиното семејство го очекувало најлошото.
Нејзиниот менаџер дури сега ги сподели вестите со јавноста преку Инстаграм објава.
Според менаџерот, Мадона имала сериозна бактериска инфекција и неколку денови останала на интензивна нега.
„Во сабота, 24-ти јуни, Мадона разви сериозна бактериска инфекција поради која неколку дена беше на интензивна нега. Нејзиното здравје се подобрува, но таа сè уште е под медицински надзор. Се очекува да закрепне.
Во овој момент ќе треба да паузираме со сите обврски, вклучувајќи ја и нејзината турнеја. Ќе споделиме повеќе детали веднаш штом ќе ги добиеме, вклучувајќи нов датум за почетокот на турнејата и другите закажани концерти“, пишува менаџерот во Инстаграм објава.
За Daily Mail, членови на семејството на пејачката велат дека било неизвесно дали воопшто ќе преживее.
„Изминативе неколку денови, никој не знаеше што ќе се случи и се подготвувавме за најлошото. Затоа не зборувавме за ситуацијата. Сите верувавме дека ќе ја изгубиме“.
Периодов Мадона се подготвува за нејзината турнеја, а од семејството велат дека речиси и да не одморала бидејќи мислела дека е „непобедлива“.
Сериозните проблеми со здравјето ја натерале да сфати дека мора да води подобра грижа за себе.
„Целото семејство на Мадона се обедини. Ситуацијата навистина ја освести. Таа не води здрав живот, како што ѝ доликува на возраста, и изминативе неколку месеци претерува со работење.
Мисли дека уште е млада, кога всушност не е. Исто така, верува дека е непобедлива“.
Мадона сакала претстојната турнеја да помине совршено, па напорно работела шест дена во неделата. Ова вклучува пеење, но и вежбање кореографии.
Од семејството сериозно биле загрижени дека кариерата ѝ е поважна од сè и дека поради ова ќе ја изгубат.
„Периодов сè, вклучувајќи ја и турнејата, е на пауза и никој не смее да ѝ спомне што било поврзано со работа.
На Мадона поважни ѝ се кариерата и славата од здравјето, и ќе биде така до денот кога ќе умре“.
Всушност, уште пред месец-два, извори блиски до пејачката изјавија загриженост за нејзиното напорно работење.
„Ова може да ѝ биде последната турнеја, па сака да биде совршена. Нејзиниот перфекционизам ги иритира другите, но нејзе не ѝ е грижа за тоа.
Не ѝ е проблем да отпушти некој ако не се согласува со неа“.
Спирова С. | Црнобело